Цените на германиумот, клучен минерал за технолошкиот сектор, достигнаа рекордно високо ниво во водечкиот светски производител Кина во средата, поттикнати од шпекулациите за владино купување, велат извори во секторот.
Кина произведува 60 отсто од светскиот германиум, кој се користи во производството на оптички кабли, соларни ќелии и инфрацрвена технологија. Во август минатата година, тие го ограничија извозот на група производи од галиум и германиум, реагирајќи на низа мерки со кои САД го ограничија извозот на софистицирани чипови во Кина, наведувајќи ја националната безбедност и можната двојна употреба, која ја вклучува и војската.
Во средата, цената на германиумот на физичкиот пазар во Кина скокна за речиси една третина на рекордни 13.250 јуани (1.826,48 долари) за килограм, покажаа податоците од специјализираната компанија за информации за пазарот Шангај Металс Маркет (SMM).
Од август минатата година и стапувањето во сила на извозните рестрикции, тие се зголемени за 38 отсто и покрај очекувањата дека подобрената понуда на домашниот пазар ќе го ограничи нивниот раст.
Неколку извори во секторот, кои не сакаа да бидат именувани бидејќи информациите се доверливи, изјавија за Ројтерс дека вчерашниот скок на цените бил поттикнат од шпекулациите дека кинеската управа за стратешки резерви купила околу 100 метрички тони германиум. Цената не е позната, додаваат изворите.
Администрацијата не одговори веднаш на барањето на Ројтерс да ги коментира информациите од неименувани извори.
„Приказните на пазарот го подигнаа расположението и ги стимулираа цените, но сакаме да бидеме внимателни бидејќи скокот се базира малку премногу на шпекулации, па многу брзо би можеле да бидеме сведоци на корекција на цената“, вели кинескиот трговец со германиум.
Цените се поддржани и од зголемената побарувачка неодамна, и во Кина и во странство, рече еден кинески извозник.
„Неодамна, добивме многу барања од Јапонија и Јужна Кореја за германиум оксид“, рече лице кое не сакаше да биде именувано.
Кинескиот извоз на германиум, вклучително и ковани и необработени производи, се преполови во првите пет месеци од оваа година во споредба со истиот период минатата година и се лизна на 11,08 тони. Вредноста на испораките во исто време се зголеми речиси за четири пати, покажуваат податоците на царината.