Коњановски: Догодина еден милион евра за чистење на каналската мрежа

45

Догодина за чистење на каналската мрежа ќе бидат обезбедени вкупно еден милион евра. Годинава за оваа намена беа предвидени 40 милиони денари со кои се исчистени 104 километри канали за одводнување и наводнување.

Ова беше изјавено од страна на заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски по денешната посета на скопско Ново Село каде што почна да се чисти каналот на потегот река Лепенец – с. Орман – с. Волково.

Се работи за крак за наводнување долг 6,5 километри што, според надлежните, беше запоставен во изминатите 40 години.

“При неодамнешната посета на Волково жителите ни предочија дека ова им е огромен проблем. Затоа и го ставивме меѓу нашите приоритетни активности”, истакна Коњановски додавајќи дека санирањето треба да заврши за околу еден месец.

Воислав Ристевски од Водната заедница Волково – Орман изрази голема благодарност на Коњановски и ресорното министерството за потфатот и одржаниот збор.

Од 2006 година досега се исчистени вкупно 534 километра каналска мрежа. Секоја година Министерството за земјоделство прави посебни програми во соработка со водостопанствата и локалното население.

Во Скопско од вкупно санираните 104 километри канали, исчистени се 13,5 километри, покрај овој во Волково, плус 7 километри во општините Гази Баба, Петровец и Илинден главно наменети за одводнување. До крајот на годинава останува да се исчистат уште каналите во Карбинци, Зрновции Кочани.