Инфлацијата во еврозоната во јули е потврдена на 2,6 отсто

68

Годишната стапка на инфлација во еврозоната се зголеми во јули од јунските 2,5 на 2,6 отсто, во согласност со претходната прелиминарна проценка, објави денеска Евростат.

Во јули цените на енергенсите пораснаа за 1,2 отсто на годишно ниво, со значително забрзување во однос на јунските 0,2 отсто, а индустриските производи за 0,7 отсто, со исто темпо како и во јуни.

Наспроти тоа, цените на услугите во еврозоната се зголемени за четири отсто на годишно ниво, а на храната, алкохолот и тутунот за 2,3 отсто, и во двата случаи со побавно темпо од јуни.

Годишната стапка на базната инфлација во еврозоната во јули изнесуваше 2,9 отсто, така што таа остана на истото ниво како и во јуни, се наведува на веб-страницата на Евростат.

Ако се обрне внимание на четирите најголеми економии во еврозоната, годишната инфлација во Германија се зголемила во јули од јунските 2,5 отсто на 2,6 отсто, како и инфлацијата во Франција од 2,5 отсто на 2,7 отсто и во Италија од 0,9 отсто до 1,6 отсто.

Спротивно на тоа, годишната стапка на инфлација во Шпанија падна од јунските 3,6 отсто на 2,9 отсто во јули.

Во јули, највисок раст на инфлацијата на годишно ниво меѓу земјите од Европската унија е забележан во Романија 5,8 отсто, Белгија 5,4 отсто и Унгарија 4,1 отсто, а најнизок во Финска 0,5 отсто, Латвија 0,8 отсто и Данска 1 отсто.

Евростат ја мери инфлацијата со усогласениот индекс на потрошувачки цени (HICP), а резултатите од оваа методологија понекогаш се разликуваат од податоците што ги објавуваат земјите во еврозоната.