На вчерашната седница на Владата на Република Македонија беше донесена одлука за објавување шест јавни повици за доделување на концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровни на 53 локалитети во речиси сите општини.
Доделувањето на концесиите првпат ќе биде на електронска аукција.
Од понудените локалитети 50 ќе бидат за детални геолошки истражувања на минерални суровини од кои осум за метални, 30 за неметалични, и по шест за украсни камења и минерални и геотермални води, а само три ќе бидат за експлоатација на минерални суровини и тоа една за метали и две за минерална и термоминерална вода.
Јавните повици ќе бидат објавени во дневните весници, а понудите ќе може да се достават до 10 часот на 18 декември годинава.
“Во последниот период Министерството за економија направи драстични измени и дополнувања на Законот за минерални суровини кои беа најдобриот погодок за привлекување на инвестиции. Со измените се овозможи за првпат во Македонија концесиите да бидат доделени по електронски пат. Тоа покажува дека се зголемува степенот на транспарентност при доделување на концесии”, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.
Тој појасни дека на сите пријавени на јавниот повик ќе им бидат потребни две до три години за да ги завршат истражувањата, а потоа да аплицираат во Министерството за економија за експлоатација.
“За секоја локација потребно е да се отворат минимум две до три нови работни места што значи дека за сите 50 локации ќе се отворат од 100 до 150 нови работни места. Тоа што локациите се распоредени на речиси целата територија на Македонија сметаме дека ќе придонесе за дополнителен економски развој на локалната и на националната економија”, рече Сарачини, апелирајќи да се пријават што е можно повеќе домашни или странски компании за се добијат квалитетни инвестиции.