Граѓаните ќе си ги проверуваат броилата за парно и за вода

46

Граѓаните и компаниите за првпат ќе имаат можност да направат проверка на своите броила со кои се мери потрошувачката на топлинска енергија и на други течности во нивните објекти.

Имено, компанијата Балкан енерџи груп (БЕГ) за таа цел набави лабораторија за испитување на мерила на топлинска енергија и течности, која засега е единствена од ваков вид во државава.

Компаниите кои ги греат жителите на Скопје како БЕГ, ЕЛЕМ Енергетика, Топлификација Скопје Север, како и јавните комунални претпријатија, се очекува да бидат најголем корисник на оваа лабораторија, се вели во соопштението на БЕГ.

Со ова корисниците (граѓани или фирми), кои од некоја причина се сомневаат во исправноста на мерилата поставени во нивните домови и комерцијални објекти, ќе имаат можност лично да се уверат во исправноста на броилата.

Со опремата која е набавена ќе може да се испитуваат, механички, ултразвучни и електромагнетни водомери за ладна и за топла вода, сензори за проток на вода, отпорнички термометри и термометри со течност во стакло, како и компактни и раздвоиви мерила на топлинска енергија.

Инвестицијата е вредна 200.000 евра, а новата лабораторија ќе придонесе за намалување на трошоците за испитување на мерилата на БЕГ и другите компании кои до сега мораа да се испитуваат и калибрираат во странски лабаратории. Тоа ќе придонесе за намалени оперативни трошоци на овие компании.