Форд воведува скратено работно време во Германија

92

Германската филијала на автомобилскиот концерн Форд воведува намалено работно време поради „драстично намалената“ побарувачка за нејзините модели на електрични автомобили, јавуваат локалните медиуми.

„Форд достави барање до федералната канцеларија за труд за воведување намалено работно време поради драстичното намалување на побарувачката за електрични автомобили“, изјави портпаролката на Форд за дневниот весник Koelner Stadt Anzeiger.

Концернот објави дека побарувачката за електричните модели на Форд е драстично намалена, особено во Германија, поради што, како што беше речено, е неопходно да се намали обемот на производство.

Фабриките на Форд во Келн би работеле само секоја втора недела до божиќните празници. Во овие погони се произведуваат електрични верзии на моделите Explorer и Capri.

По Volkswagen, кој пред неколку недели најави затворање на фабрика во Германија и отпуштање на илјадници вработени, Ford е вториот германски автомобилски концерн кој најави намалување на производството.

Во Германија, по укинувањето на субвенциите за купување електрични автомобили на крајот на минатата година, побарувачката за овој тип на автомобили драстично опадна.

Експертите сметаат дека обновените дискусии за одложување на забраната за автомобили со мотори со внатрешно согорување дополнително доведуваат до несигурност кај потрошувачите и придонесуваат за намалување на побарувачката за електрични автомобили.