ФТ: Кина подготви контрамерки во случај на ескалација на трговскиот конфликт со САД

60

Кина подготви ефективни одговори на евентуалната ескалација на трговскиот конфликт со Соединетите Американски Држави, што ќе влијае на американските компании, пишува „Фајненшл тајмс“ (ФТ) повикувајќи се на свои извори.

За време на првиот мандат на Доналд Трамп, Кина не беше подготвена за острите чекори на Белата куќа, како што се воведувањето на зголемени царини и построга контрола на инвестициите и санкциите за кинеските компании, но сега ситуацијата е поинаква.

Властите во Пекинг, пак, донесоа нови закони кои им дозволуваат да стават на црната листа на странски компании и да го ограничат американскиот пристап до клучните синџири на снабдување.

Според извештаите, Кина составила и „список на несигурни организации“ во странство кои, според нејзиното мислење, ги поткопуваат националните интереси на Пекинг.

 

Многумина ја потценуваат потенцијалната штета што Кина може да ја предизвика на интересите на Соединетите Американски Држави, вели Ендрју Гилхолм, аналитичар во консултантската компанија „Контрол Ризикс“.

Тој потсети на неодамнешните кинески санкции против најголемиот американски производител на дронови Skydio, кој ја снабдува и украинската армија, како и навестувањето дека Пекинг ќе воведе мерки против американската модна компанија PVH, која е сопственик на брендовите Calvin Klein и Tommy Hilfiger.

“Нашите клиенти мислат дека го земале предвид факторот во геополитичкиот ризик од трговска војна меѓу САД и Кина, но тоа не е точно, бидејќи Пекинг сè уште сериозно не возвратил“, предупреди Гилхолм.