Банките во регионот забележаа зголемена побарувачка за кредити во втората половина од годината

Банките во регионот на Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЕ) покажуваат поголема подготвеност да одобруваат заеми, покажува истражувањето спроведено од Европската инвестициска банка (ЕИБ).

Во втората половина од годината е забележана поголема побарувачка за кредити за домаќинствата и деловните субјекти, но очекувањата за наредните месеци упатуваат на малку повнимателни проекции, во согласност со светските економски предизвици.

„Иако подобрувањата во условите за кредитирање во изминатите шест месеци изгледаат охрабрувачки, исклучително е важно банките да останат внимателни бидејќи се соочуваме со економско забавување на некои клучни трговски партнери во регионот“, рече Киријакос Какурис, потпретседател на ЕИБ.

„Резултатите од ова истражување ја покажуваат издржливоста на банкарскиот сектор во регионот, истакнувајќи ја потребата од стратешко планирање со оглед на неизвесностите.

Растот на побарувачката на кредити е примарно поттикнат од производите на банкарството на мало, особено станбените и потрошувачките кредити.

Банките очекуваат корпоративните инвестиции, исто така, повторно да се интензивираат и да ја зголемат побарувачката за заеми во наредните месеци.

Понудата на кредити покажува позитивен тренд, за прв пат во последните две години, иако нешто послаба на Западен Балкан, што укажува на зголемена неизвесност. Оваа позитивна промена ги одразува подобрите услови за кредитирање, особено за малите и средни претпријатија (МСП), кои претходно се соочуваа со потешкотии при добивање кредит, се вели во соопштението на ЕИБ.

Притоа, банките наведуваат дека профитабилноста во регионот е поголема отколку кога станува збор за работењето на нивните групи во целина, поради што голем број меѓународни банки се обидуваат да го одржат и прошират работењето во таа област.

Филијалите на банките во регионот и понатаму имаат стабилен пристап до финансирање, во што клучна улога имаат депозитите на домаќинствата.

Очекуваат континуирана поддршка во вид на депозити од населението и стопанството, што ќе придонесе за поволен амбиент за финансирање во иднина.

Овој стабилен пристап до финансирање е од клучно значење за одржување на кредитното работење на банките и поддршка на економскиот раст во регионот. Дополнително, забележано е подобрување на квалитетот на кредитите, со намалување на учеството на нефункционалните кредити (НФК).

Фото: Pixabay