Директори на Икеа во Франција под истрага за шпионажа

42

ikea frФранцуското обвинителство отвори формална истрага против директори на шведската компанија Икеа во Франција поради обвинување дека ги шпионирале вработените и купувачите.

Извршниот директор Стефан Вановербеке, неговиот претходник Жан Луј Баило и шефот на финансии Даријуш Рихерт се уапсени пред два дена. Тие се обвинети дека се обиделе да дојдат до информации за вработените и потрошувачите од полициските досиеја. Слични правни мерки се преземени против уште најмалку двајца полицајци.

Шефот на Икеа Франција е обвинет дека најмил фирма на приватни детективи да “прочешлаат” одделни вработени, особено активисти во синдикатот, кандидатите за работа, па дури и незадоволните клиенти. Се тврди дека Икеа од инспекторите барала да дознаат дали некој клиент, кој ја тужел компанијата за 4.000 евра, има сопствен имот или дали и бил познат на полицијата.

Два синдикати веќе поднесоа правни тужби против Икеа, обвинувајќи ја за шпионирање на стотици вработени и купувачи во период од најмалку пет години.