Германија во рецесија втора година по ред

Германската економија е во рецесија втора година по ред, објави во средата Сојузниот завод за статистика во Визбаден.
„Бруто националниот приход падна за 0,2 отсто во 2024 година. Ова беше втора последователна година кога германската економија се намали по падот за 0,3 отсто во 2023 година“, се вели во соопштението на Федералниот завод за статистика врз основа на привремените податоци за претходната година.

„Цикличните и структурните оптоварувања спречија поповолен економски развој во последните години“, се заклучува.

Во извештајот дополнително се споменува растечката конкуренција за германските извозници на важни пазари, високите цени на енергијата, високите каматни стапки како и „неизвесните економски прогнози“.

Слабата домашна потрошувачка е и една од причините за слабеењето на економијата. Како што се наведува, потрошувачката е зголемена за само 0,3 отсто.

„Поради општата несигурност, многу граѓани претпочитаат да штедат наместо да трошат, иако реалните плати се зголемени“, се вели во соопштението.

Слаб економски раст економистите предвидуваат и за тековната 2025 година.

Од една страна се наведува дека се очекуваат позитивни реформски сигнали по доаѓањето на власт на новата влада на пролет, но истовремено постои неизвесност за можните мерки кои би можеле да ги воведе новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој стапува на функција на крајот на јануари.

Економското закрепнување е една од најважните теми во изборната кампања за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 23 февруари.