Во општина Кисела Вода денес беа доделени нови 40 решенија за легализација на бесправно изградени објекти.
“Сите граѓани кои немаат изготвено геодетски елаборат, да го сторат истото во најкраток можен рок, бидејќи со некомплетна документација, односно без елаборат го доведуваат во прашање легализирањето на објектот. Само за потсетување, крајниот рок за доставување на елаборатот е 18-ти јуни 2014 година, што подразбира дека околу 4.500 граѓани од Кисела Вода имаат само уште неколку месеци за да ја докомплетираат документацијата, односно да го достават геодетскиот елаборат”, рече градоначалникот на Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ.
При тоа таа повторно упати апел до сите граѓани да не го злоупотребуваат процесот на легализација и да градат нелегално во овој вакуум простор, бидејќи како што рече, ќе се соочат со Општинската градежна инспекција.
“Сакам да Ве информирам дека Општинската градежна инспекција е перманентно на терен и секоја нелегална градба која ќе се детектира, а истата не е подведена под Законот за третман на бесправно изградени објекти, односно нема легална документација за градба, веднаш ќе биде срушена. Под ова се подразбира секоја доградба и надградба на постоечките нелегални објекти, но и секоја нова градба која е започната, а е со некомплетна документација и не се гради во согласност со нормативите на Законот за градење”, заврши Беличанец – Алексиќ.