Благој Ѓорев прославува 90 години од своето постоење

262

kristal margarinОваа година Благој Ѓорев го одбележа својот јубилеен 90-ти роденден. Оваа македонска компанија е најстар капацитет за производство на масло за јадење во Р. Македонија, додека на Балканот влегува во составот на трите најголеми индустриски капацитети за производство на масло за јадење.

Својата успешна бизнис приказна компанијата започнува да ја испишува далечната 1923 година, кога се формира “Благој Ѓорев” АД од Велес, најпрво како фабрика за масло. Продолжувајќи ја традицијата на производство на масло за јадење од маслодајни семиња, фабриката континуирано се проширува и технолошки се усовршува, а денес компанијата располага со единствен капацитет во Македонија за складирање, чување и преработка на маслодајни семиња. Во 1999 година, Благој Ѓорев се трансформира во прехранбена индустрија поради широкиот асортиман на прехрамбени производи во сопствено производство.

Оваа година Благој Ѓорев прославува уште еден значаен јубилеј- 45 години откако се произведува Кристал- маргаринот во коцка. Од овој производ денес се произведуваат над 1.700 тони годишно. Од далечната 1968 година па се досега, потрошувачите традиционално му укажуваат доверба, особено во периоди на разновидни семејни прослави и празници, како и собирањето на целото  семејство на трпезата.

Благој Ѓорев ја освои наградата Супербренд за 2013/2014 година, која го потврдува значењето и силината на брендот Кристал во својата индустрија, како и квалитетот на производите како императив за овие години на постоење. Веќе трета година по ред, Благој Ѓорев извезува поголем асортиман од своите производи во Косово, а од минатата година и во Босна и Херцеговина.

kristal maslo„Со задоволство можеме да кажеме дека веќе 90 години производите на Благој Ѓорев се дел од речиси секое македонско домаќинство. Кристал маслото за јадење и маргаринот во коцка, несомнено, се производите по кои сме најмногу препознатливи, но и другите наши производи полека го наоѓаат патот до срцата на потрошувачите. Производството на здрави и квалитетни производи од домашни суровини е наш императив и нашата главна предност, токму тоа ни овозможи сиве овие години да го задржиме високото место на пазарот и довербата на нашите потрошувачи, која се пренесува од генерација на генерација. И понатаму ќе вложуваме во развој на нови производи и освојување на нови пазари, континуирано унапредување на процесот на производство, како и подобрување на квалитетот на нашите производи, за Благој Ѓорев да остане синоним за квалитет и долгогодишна традиција, домашен бренд со препознатлив имиџ, кој потрошувачите го преферираат и го сакаат”, изјавија  од Благој Ѓорев.

Покрај маслото за јадење и маргаринот, во основните производи на компанијата спаѓаат и растителната маст и растителната мрс, а компанијата на пазарот нуди и висококвалитетни производи за широка потрошувачка: далеку прочуената велешка таан алва, локумот со разни вкусови, желе бонбони, пакувањата од кокос, сусам, какао, алкохолен, вински и јаболков оцет, како и зачинот Кристал кој изобилува со најразлични видови сушен зеленчук.