Опис – попис препаратус

61

 

magija

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Пред околу две години, откако завршив со предавање за организациска структура, седам во скопско кафуле со едно младо момче – претприемач. Има мелница за брашно (90% од приходот отпаѓа на ова) и нешто плус, производи од брашно. Ми раскажува за плановите на фирмата и, меѓу другото, вели ангажирал консултант за да му изработи систематизација на работни места. Опис и попис.

Слушам подзинат и се мислам што да му кажам: (а) дали да го лажам и да му ја поздравам одлуката, или (б) да бидам искрен и да му ја критикувам одлуката. Како секој стар лисец, применив трик – кога си соочен со две меѓусебно исклучиви опции, игнорирај ги и барај трета! Го свртев муабетот на друга тема. Демек, го дефокусирав.

Сега, од друг агол. Некое време живеев и работев во Токио. Бев шокиран кога работејќи со фирми дознав дека јапонските компании – дури и оние најголемите – или воопшто немаат описи на работни места, или имаат некаков минимален список на работни задачи кои работното место ги предвидува. Објаснувањето беше дека секој е подготвен да работи сé, како што налага работата.

Кога станува збор за компании, јас поинаку го сметам времето: три човечки години се еднакви на една компаниска година. Значи, ако некој основач ми каже дека фирмата постои три години, јас тоа го преведувам како „12 месеци“. Се уште моча во гаќи. Секоја чест на исклучоците од Silicon Valley за кои ова не важи. Ама тоа се исклучоци, не правила. За најголемиот дел од фирмите во светот, во врска со возраста, важи правилото „три е еднакво на еден“.

Назад кон фирмата од воведниот параграф на колумнава. Стара е едвај две компаниски годинки. Нормално, ниту чита, ниту пишува. Take it easy, има време за систематизирање на работните места и опис/попис на работните задачи. Во бизнисот нема магија, hocus pocus preparatus. Потребно е време нештата да зреат. Засега, на таа возраст, систематизацијата треба да биде едноставна: основач и останатите.

zvonko 7

За воља на вистината, модерно е уште при изработка на Бизнис план за основање на фирма, да се цртаат организациски шеми и прецизно да се дефинираат работните места. Тоа е во пред-наталниот период, пред да настапи суровата реалност. Она што било прекрасно исцртана организациска шема во Бизнис планот, по започнување со работа на фирмата, се претвора во грдо парче хартија. Млада компанија има крајно едноставна поделба на работите и рамна структура. Работните задачи се недоволно јасно дефинирани, а линиите на овластувања се сведуваат на една единствена линија – од основачот кон останатите. Дури и да има поставено некаква структура, тоа не го спречува основачот да ги прескокне сите линии и директно да раководи. Ова е нормално, вообичаено и неопходно во оваа рана фаза. Поставување организациска структура, со детално опишување на работните места е напредна фаза.

Инаку, за оние љубопитните, поделбата на работните задачи низ компанијата има четири атрибути или принципи според кои се врши структурирање на компанија:

  1. Конфигурација, која ги определува општите принципи за поделба на работата. На пример, според производите/услугите или технологијата што е применета.
  2. Контрола, која е тесно поврзана со надзорот – кој и како врши надзор над остварување на задачите. Ова значи воведување на менаџментот како функција, раководење со луѓе и функции.
  3. Комплексност, која ја определува основата за поделба на активностите, до кој степен работите се хоризонтално и вертикално диференцирани. Ова значи интегрирање на повеќе работни места во организациски целини.
  4. Координација, која определува како работите се меѓусебно поврзани. Ова значи како компанијата целосно се интегрира за да ги оствари своите цели.

Добро е да се знаат овие атрибути, за да се применат кога за тоа ќе дојде време. Добро е децата на полицата за книги, покрај Зоки Поки, да ги гледаат Шекспир и Кафка. Не да ги читаат, само да ги гледаат.

Заклучоци:

  • Ако сте основач во млада компанија, не се оптоварувајте (и не трошете пари) со тоа прецизно да им одредите на вработените кој што ќе работи.
  • Ако сте вработени во млада компанија, не очекувајте да знаете што точно ви се работните задачи.

Дури и вашите колеги во најразвиената економија во светот ги знаат овие работи и се однесуваат сходно на тоа.