Федералните резерви предвидуваат стагфлација

Претставници на Федералните резерви на САД изразија загриженост на состанокот претходно овој месец дека големото зголемување на царините би можело дополнително да ги зголеми цените и да предизвика нов бран на инфлација.

Како што покажуваат записниците од состанокот одржан на 6 и 7 мај, креаторите на монетарната политика во голема мера се согласија дека зголемената економска неизвесност и растечките ризици од истовремен раст на невработеноста и инфлацијата го оправдуваат одржувањето на политиката „почекај и види“.

„Учесниците се согласија дека неизвесноста во врска со економските перспективи дополнително се зголемила, што го прави претпазливиот пристап соодветен сè додека не се разјаснат целокупните ефекти од бројните промени во владините политики“, се наведува во записникот.

Од записникот е јасно дека Федералните резерви не се ни блиску до намалување на каматните стапки. Наместо тоа, состанокот ги истакна стравувањата од можно сценарио за стагфлација – состојба во која економската активност забавува додека цените продолжуваат да растат.

Во периодот помеѓу претходниот состанок во март и мајскиот собир, претседателот Доналд Трамп воведе нови тарифи за повеќето трговски партнери на САД, иако подоцна ги суспендираше некои од најагресивните мерки. Записникот објавен во среда дава писмен преглед на тоа како претставниците на ФЕД реагираа на тие први потези.

Очекувањата дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки на следниот состанок во средината на јуни се намалија откако претседателот на ФЕД, Џером Пауел, на прес-конференција изјави дека цената на чекање повеќе податоци за економијата е „прилично ниска“. А во последователните јавни изјави, претставниците на ФЕД ја поддржаа таа позиција, нагласувајќи дека прагот за намалување на каматните стапки е сè уште многу висок.

Од последниот состанок, Трамп се согласи да ги намали тарифите за кинеските стоки од 145% на 30%. Ова привремено примирје со Пекинг ги увери инвеститорите загрижени за можно нагло забавување на американската економија и притисокот дека ФЕД мора да интервенира за да го заштити пазарот на трудот.

Инвеститорите на пазарите на деривати на каматни стапки очекуваат ФЕД да ги задржи стапките непроменети во текот на летото.

ФЕД ја намали својата референтна каматна стапка за еден процентен поен минатата година, на околу 4,3%, откако инфлацијата се намали, а невработеноста малку се зголеми. Да ве потсетиме дека во 2022 и 2023 година, централната банка ги зголеми каматните стапки на највисоко ниво во последните две децении, со цел да го ограничи растот на цените.

Минатиот месец, Трамп се откажа од имплицитна закана дека ќе го отпушти Пауел, но продолжи јавно да го критикува и да повикува на намалување на каматните стапки.

Поради најавите за трговската политика, економистите на ФЕД ги ревидираа надолу своите прогнози за економски раст за оваа и следната година во споредба со проценката од март. Како последица на тоа, се предвидува дека пазарот на трудот „значително ќе ослабне“ во остатокот од годината, при што невработеноста ќе се зголеми и ќе остане висока до 2027 година.

Царините, како што е наведено во записникот, треба „значително да ја зголемат инфлацијата оваа година, додека нивниот ефект би бил помал во 2026 година“. Дури и по сериозната ревизија на очекувањата за инфлација за 2025 година, официјалните лица веруваат дека ако се погреши, тоа би се упатило кон уште поголема инфлација во 2026 или 2027 година.

Во записникот, особено е нагласена загриженоста за ризикот од зголемување на инфлацијата. Речиси сите учесници предупредија дека инфлацијата може да биде поупорна од моментално проценетата.

Многу официјални лица изјавија дека според изјавите од деловниот сектор и резултатите од анкетите, компаниите планираат делумно или целосно да ги пренесат зголемените царински трошоци на потрошувачите. Некои изразија загриженост дека царините за меѓупроизводи како што се челик или алуминиум би можеле дополнително да ги зголемат цените.

Одредени креатори на политики, исто така, предупредија дека компаниите кои не се директно погодени од царините би можеле опортунистички да ги зголемат цените ако нивните конкуренти го сторат тоа.

Ваквите случувања би можеле да ги вознемират претставниците на ФЕД, бидејќи американската економија веќе помина низ тежок период на висока инфлација. Многу економисти веруваат дека очекувањата на потрошувачите и фирмите за идната инфлација играат клучна улога во тоа колку цените всушност растат.

Сепак, некои функционери посочија фактори што би можеле да ги намалат инфлациските притисоци, вклучувајќи ја отпорноста на домаќинствата на повисоки цени, слабеењето на економијата или евентуалното намалување на тарифите во случај на успешни преговори со трговските партнери.