Фото: Pixabay
“Животот е премногу краток за да работиш премногу”
Vivien Leigh
Се раѓаме, живееме безгрижно додека сме деца и еден можеби убав сончев ден почнуваме да работиме и безгрижноста и слободата ја снемува… добиваме статус на вработени, сопруги/сопрузи, имаме семејства… времето за нас е се помалку, помалку, па и го снемува…
Кога сите ние би живееле во свет каде времето кое како ограничен ресурс ни дозволува освен работење во текот на денот да имаме време и за себе, сите ние би биле среќни, но што всушност е реалноста во оваа наша државичка?!
Факт е дека многу малку вработени имаат особена чест и задоволство да работат само осум дневни ефективни часа. Вистинска реткост е да слушнете некој дека работи токму 40 часа неделно и дека сите празници му се неработни.
Реалната слика на приватниот сектор е дека скоро сите работат прекувремено. Дали се тоа неколкуте часа кои остануваат “да доработат” бидејќи не ги извршиле работните задачи навреме или работат и за викенд, или едноставно сакаат подолго да работат бидејќи тоа им е начин да земат уште некој денар, се разбира доколку им се платени.
Некои компании поради спефичноста на работата, работното време го распределуваат на начин што викендите (саботите и неделите) како и празниците ги работат со нормално работно време, додека слободните денови им ги оставаат на вработените да ги користат во текот на неделата. И сето тоа е во ред кога сите однапред ги знаат условите кои ги налага работното место пред да започнат да работат на истото. Но, што е во ситуациите (кои често се случуваат) кога ние треба да работиме “од дома”, да останеме плус уште некој саат бидејќи баш во тој период има некоја гужва, за која свесни сме дека најчесто никогаш не стивнува.
Дали тоа саможртвување вреди?
“Животот е премногу краток за да ги правиш работите што не ги сакаш.”
Bruce Dickinson
Работодавачите имаат секогаш избор. Секако, за нив поевтина вартијанта е да доплаќаат прекувремена работа на веќе вработените лица, отколку да ангажираат уште едно лице.
Дополнителната работа, односно прекувремените часови се исплаќаат со 135% и се ограничени на максимум 32 часа месечно. Простата калкулација е дека ако останете 8 часа прекувремено во една недела и имате нето дневница од 100 денари… 8 часа неделно *135 денари = 1080 денари! Дали вашето време вреди 1.080 денари?
Дали сметате дека навистина вреди секојдневното останување подоцна?
Секој треба да биде свесен дека работните обврски никогаш немаат крај. Секогаш останува уште нешто што треба да се доработи, а соодветната организацијата на приоритетните обврски и брзината во нивното извршување се во директна корелација колку ефикасно ќе работиме, односно дали освен осумте часа ние треба да работиме повеќе.
И да, ќе помислите, ќе имам повеќе пари да си купам нешто за себе, за децата, нешто што во моментот ќе не направи среќни? Но од кога среќата беше во парите?
Вистина, живееме во свет каде парите се тие што го вртат светот, но, кој не врти нас?
“Животот е премногу краток за да го живееш мизерно.”
Rita Mae Brown
Што е со дополнителниот умор на работното место и после тоа, квалтитетот и ефикасноста во работењето, помалку слободното време за себе, за најблиските, за пријателите, демотивацијата… дали секогаш толку вредиме?
Дали парите се мотиваторот за работењето?
И некој ќе помисли, јас морам тоа да го правам! Ќе го изгубам работното место доколку не го правам тоа, ми требаат пари, имам семејство… А кога последен пат сте се сетиле дека единствената работа во животот која мораме да ја направиме е да умреме! Извинете што можеби ова звучи грубо, но таков е животот! Ако ние сметаме дека вредиме повеќе, а некој нас доволно не не цени, секогаш ќе најдеме начин да се бориме за нешто подобро, сепак сме луѓе. Сме егзистирале и со помалку и можеби сме биле и посреќни. Потребата за материјалното не значи дека треба да се лишиме од поминатотот време со семејството и себе. Една детска насмевка вреди многу повеќе од 1.080 денари неделно!
Можеби еден ден секој од нас ќе застане и за миг ќе се погледне во огледало и ќе се праша, колку јас вредам?
Секако нема да се препознаете себеси затоа што сте дозволиле да влезете во системот… секако ќе се чуствувате дека повеќе знаете, но дали сами на себе си вредите?
Работевте за да живеете, а денес ? Денес, живеете за да работите.