Министерството за администрација потврди: Не е изработен Регистерот за администрација, се менувал моделот!

По објавата на „Локално“ дека до овој момент надлежното Министерство за јавна администрација се уште не го објавило Извештајот од Регистерот за вработени во јавниот сектор, од таму потврда на нашата информација – документот не само што не е објавен, тој не е ниту изработен.

„Во моментов спроведува сеопфатно ажурирање на податоците за вработените од институциите на јавниот сектор, со единствена цел – квалитетно управување со човечките ресурси на институционално ниво. Паралелно со техничката надградба и модернизација на системот, која во моментов е сеуште во тек, институциите се задолжени во најкраток можен рок да ги ажурираат податоци за своите вработени“ – велат од Министерството за јавна администрација за „Локално“.

Колкав е тој најкраток можен рок за ажурирање на податоците за бројот на вработени останува непознато, но она што се знае е дека на крајот од првиот квартал изминатите години, овој Регистер веќе беше објавен. Од Министерството уверуваат дека со новиот начин на ажурирање ќе се добијат поверодостојни податоци за вработените во јавниот сектор.

„Овие активности ќе го поедностават процесот и начинот на подготовката на Годишниот извештај за вработените од јавниот сектор, во насока истиот да се изработува централизирано,  исклучиво со ажурирани и прецизни податоци добиени од самиот системот. За разлика од досегашната пракса, кога при подготовката на извештајот се користеа бази на податоци од повеќе извори кои потоа се вкрстуваа, што во праксата често резултираше со аномалии во точноста на податоците. Имајќи го во предвид горенаведеното, Ве известуваме дека Годишниот извештај за вработените од јавниот сектор сè уште е во изработка“ – велат од Министерството.