Македонските работници вечно во чекалната за повисоки плати и подобар стандард

Продуктивноста не е пречка, туку само изговор да не се зголемат платите на работниците во Македонија. Продуктивноста на македонските работници навистина е пониска од просекот во ЕУ, но и нивните плати се далеку зад европските. Истражувањата покажуваат дека двајца работници во Македонија треба да работат за да ја достигнат продуктивноста на еден европски работник, односно продуктивноста на еден работник е околу 53 отсто од просекот во ЕУ. Од друга страна, пак просечната плата во Македонија е само 33 отсто од просекот во ЕУ, што значи дека нашите работници произведуваат многу повеќе отколку што се платени. И за платата да се изедначи со продуктивноста, таа треба да порасне за околу 60 отсто од сегашното ниво.

-Тезата што ја пласираше бизнис заедницата дека растот на платите треба да го следи растот на продуктивноста која потоа ја прифати и Владата е или свесно искривување на фактите, или елементарно непознавање на економските законитости. Да, платите кои работниците ги добиваат треба да бидат одраз на нивната продуктивност, односно на она што тие го создаваат. Тоа е основно економско правило, но и проста човечност. Ама она што бизнис заедницата и Владата не го кажуваат е дека продуктивноста на работниците во Македонија далеку ја надминува нивната плата. Она што бизнис заедницата го заговара – растот на платите да биде еднаков на растот на продуктивноста е нешто друго. Тоа всушност би го задржало моменталниот сооднос плати -продуктивност, кој е неповолен за работниците. Тоа би спречило платите на работниците да се изедначат со нивната продуктивност. Тој предлог има смисла само во ситуација кога платите веќе се еднакви на продуктивноста, но кога не се, како што е во Македонија, тој им оди во прилог само на газдите, затоа што ги штити нивните високи профити, изјави за „Локално“, Бранимир Јовановиќ од Виенски институт за меѓународни економски студии.

Целиот текст на Локално.мк