
Не од носталгија, туку за да извлечеме јасни лекции и да одговориме: во каква држава сакаме да живееме во следните 10–20 години – вака за „Локално“ професорот Борче Треновски ја започнува оценката за тоа каде е македонската економија во 34 години независност.
Според него темелите се поставени со монетарното осамостојување.
„Родени во турбуленции, првите години ни беа обележани со инфлациони шокови и болните „грчеви на младоста“. Девалвацијата во јули 1997, колку и да беше непријатна, ни ја покажа цената на недисциплината. По таа лекција, државата — како човек што решава да го подобри своето здравје — поставивме стабилно „кардио“: курсно сидро на денарот, најпрвин кон ДМ, а од 1995/1996 де факто кон евро. Оттогаш, монетарната политика ја гради довербата врз едно правило: предвидлива цена на парите и стабилни очекувања. Тоа е основата на начинот сè уште стабилен “крвен притисок” – вели професорот.
Еве кои настани според него ја дефинираа економијата во 34 години независна држава:
Полнолетството ни дојде со траума: 2001 и Охридскиот договор. Како семејна терапија по тежок конфликт, договорот ја врати можноста да разговараме и да креираме среднорочен поглед кон стабилноста и разбирањето, да се вратиме на дискусиите за економијата и институциите. Беше поставена генерална институционална рамка за соживот, демократкска иднина и евро-атлантско приближување.
Потоа следуваа серијата интеграциски пресврти. Преспанскиот договор (2018/2019) привремено го одблокира евро-атлантскиот пат и овозможи да станеме 30-та членка на НАТО – потврда на безбедносното сидро што ѝ треба на мала отворена економија. На европскиот пат, земја кандидат сме од 2005; по првата меѓувладина конференција во јули 2022 започна скринингот, а до крајот на 2023 беа завршени сите кластери. Следната фаза – отворање поглавја/кластери – останува условена со “проблематизираните” уставни измени и преземените договорни обврски (вклучително и од Преспа). Тоа е местото на кое сме денес…
Целиот текст на Локално.мк











