Македонија првпат добива Методологија за енергетска сиромаштија – полесно откривање и поддршка за ранливите домаќинства

Секретаријатот на Енергетската заедница даде позитивен одговор на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во врска со нацрт-верзијата на Методологијата за мерење на степенот на енергетска сиромаштија.

Во нивниот коментар се потврдува дека документот е во согласност со европските норми и обврските кои произлегуваат од Директивата (ЕУ) 2019/944, која ги обврзува државите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија.

Министерството објави дека ова значи дека методологијата е целосно прифатлива за објавување, а истовремено претставува и прв ваков систематизиран документ во државата кој ќе овозможи реално мерење и следење на овој феномен.
“Со оваа методологија првпат се воспоставуваат јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства – ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата.” Овие параметри ќе бидат основа за понатамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи.

Од Министерството наведуваат дека методологијата е важна бидејќи ќе им овозможи на институциите да имаат прецизна слика за обемот и структурата на енергетската сиромаштија во земјата. Таа ќе послужи како основа за креирање насочени политики и мерки за заштита на домаќинствата кои најмногу се соочуваат со потешкотии при обезбедување енергија и ќе придонесе кон усогласување со европските практики и стандарди, како дел од пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост.

Исто така информираат дека веќе работат на следните чекори – подготовка на годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде методологијата ќе биде главна алатка за дефинирање на приоритетите и интервенциите.

“Со оваа методологија првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата кои се најпогодени и да креираме прецизни, таргетирани мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е силен чекор напред кон една поправедна и посоцијално одржлива енергетска политика. Со ова, Македонија прави значаен исчекор во градењето на праведна енергетска политика која се грижи за граѓаните и ја става социјалната димензија на енергетската транзиција во фокусот,” изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.