Радарот на скопскиот аеродром повторно во функција: Наскоро ќе се монтира и нов

Радарот на скопскиот аеродром повторно е во функција по тридневен прекин, откако бил пронајден резервен дел и итно отстранет дефектот – информира денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој откри дека радарот во изминатите седум години работел само на еден канал, а најави и скорешна одлука за монтирање на нов, веќе набавен радарски систем.

Вицепремиерот и министер за транспорт  Александар Николоски денеска изјави дека радарот на скопскиот аеродром е ставен во фунција, најден е резервен дел и проблемот е решен во рекордно време од само три дена. Но, вели, притоа било констатирано дека изминатите години тој работел на само еден канал. Дополнително, нагласи Николоски, радарот е стар 27 години и минатата влада не донела одлука да се монтира новиот радар и притоа најави дека на следната седница на Владата ќе биде донесена одлука тој да биде монтиран што е можно поскоро. Во трите дена додека се решавал проблемот со радарот, потенцира Николоски, не била доведена во прашање безбедноста на авиосообраќајот за што, како што истакна говори и тоа што ниту една авиокомпанија не ги откажала летовите.

“Од утрово радарот е ставен во функција, и проблемот е решен. Така што, од утрово имаме целосно функционален радар на скопскиот аеродром и на тој начин проблемите се решени. Би сакал да кажам дека успеавме проблемот да го решиме во рекордно време од само три дена и уште повеќе да детектираме една работа која што не беше позната на јавноста, а тоа е дека и досега, седум години наназад овој радар работел само со еден канал“, рече Николоски.