Предизборни капитални вложувања: Капиталните дотации до општините за 8 месеци реализирани со само 18,4%!

Најмалку пари во однос на годишниот план се потрошени за купување на возила. За скоро 8 месеци општините по основ на капитални дотации добиле само 20,8 милиони евра што претставува реализација од само 18,4% во однос на сумата планирана за целата година. За мебел се потрошиле нешто повеќе од 300.000 евра. Заклучно со 3 октомври реализацијата на капиталните расходи изнесува 43,28%.

Во предизборниот период, заклучно со 23 август по основ на капитални расходи биле реализирани 255,7 милиони евра што претставува 33% од годишниот план.

Користејќи ги податоците од официјалниот Предизборен извештај на Министерството за финансии, “Бизнис инфо“ направи анализа на сумите потрошени за јавни инвестции и процентите на остварување во однос на планот. Според апсолутен износ, најголем дел од сумата за капитални расходи, или 95,7 милиони евра биле наменети за “ купување опрема и машини“ или во однос на годишниот план реализација од 52,2%. Блиску до овој износ е ставката “капитални субвенции за претпријатија и невладини здрженија“ преку која се одлеале 81,6 милиони евра или остварување од 41,8% додека за “други градежни работи“ биле потрошени 40,6 милиони евра со стапка на реализација од 21,3%.

 Реализација на капитални расходи

Купување опрема и машини                                                            95 759 000 евра

Капитални суб. за претпријатија и невладини здруженија                81 614 110 евра

Други градежни работи                                                                   40 608 200 евра

Кап.дотации до ЕЛС                                                                        20 800 000 евра

Градежни објекти                                                                             4 190 000 евра

Купување возила                                                                               665 000 евра

За скоро 8 месеци “капиталните дотации до ЕЛС “ ( општините) изнесувале 20,8 милиони евра или само 18,4% реализација во однос на планот, што е една од пониските стапки на остварување во рамките на капиталните расходи.

За “градежни објекти“ заклучно со 23 август биле потрошени 4,2 милиони евра што во однос на планот е реализација од 23,5%. За “купување на возила“, преку ставката “капитални расходи“ за годинава биле планирани скоро 15 милиони евра од нив, за нецели осум месеци биле потрошени 665 000 евра или реализација од само 4,4%. Во анализираниот предизборен прериод , од 1 јануари годинава до 23 август, за “купување на мебел“ се потрошиле 307 000 или остварување од 7,4%.

Забавувањето на капиталните расходи е нотирано и во новиот месечен Извештај на НБРМ.

“Растот на буџетските расходи поизразено забавува, но и натаму е висок на годишна основа и е резултат првенствено на растот на тековните, а во помал дел и на капиталните трошоци“ – се наведува во Извештајот.

Заклучно со 3 октомври, период кога веќе и официјално е почната изборната кампања, реализацијата на капиталните расходи изнесува 43,28% што значи дека во изминатите три квартали не се потрошени ниту половина од парите планирани за јавни инвестиции.

Д. А.

Фото: Pixabay