Економисти: Инфлацијата не е поради платите, туку поради растечките профити на фирмите

Инфлацијата не запира, а граѓаните не можат глава да кренат од постојани поскапувања на цените на храната. Засега Владата јасно им даде до знаење дека не размислува да носи мерки за заштита на стандардот на граѓаните, кои ги остави со ниските плати и пензии сами да се борат против високите цени.

Економските експерти коментираат дека цените не растат поради зголемената потрошувачка и поради платите, туку поради други фактори кои придонесуваат за раст на профитите на фирмите. Доколку не се зголемат платите и не порасне потрошувачка ќе се доведе во прашање и понатамошниот економски раст на државата.

-Оваа најнова епизода со инфлацијата, од последните неколку месеци, најдобро покажува што ја прави инфлацијата кај нас. Од март оваа година, кога стапи на сила ограничувањето на цените на оние 100-ина производи, до сега, вкупните цени во државата се покачија за околу 4 отсто. Во истото време, платите пораснаа за околу 1 отсто. Јасно е дека цените не растат поради платите, туку поради нешто друго. А тоа друго, кое Владата упорно се прави дека не го гледа, се профитите на фирмите, кои растат секогаш кога ќе престанат цените да се регулираат, изјави за „Локално“, економскиот експерт Бранимир Јовановиќ.

Според него, единствениот начин да се заузда растот на цените – не да се намалат, бидејќи тоа нема шанси да се случи, може само да се задржат на сегашното ниво – а тоа е да се ограничат од страна на државата. Го видовме тоа многу пати изминатите три години, последно во март. Тогаш, кога Владата ги ограничи цените инфлацијата падна од 5 отсто во февруари на 2,7 отсто во март. Ако можеше да го направи тогаш, може и сега, но прашање е дали сака, односно, дали им е поважен животниот стандард на луѓето, или им се поважни профитите на фирмите.

-Околу платите, тие мора да растат, доколку сакаме да не страда животниот стандард на луѓето. Од март до август, реалната плата во државата е намалена за околу 3 отсто, затоа што овој раст на цените од последните неколку месеци, не е следен од раст на плати. Тоа е големо намалување за таков краток период, и ако не се покачат платите наскоро, тоа ќе остави последици и по економскиот раст – луѓето помалку ќе трошат, бидејќи платите помалку им вредат, што ќе ја забави и економската активност. Така што, прашањето за растот на платите не е само социјално прашање и прашање за животниот стандард, туку е и прашање за тоа дали сакаме да имаме економски раст или не, вели Јовановиќ.
Целиот текст на Локално.мк