Цената на јајцата руши рекорди, поскапува и месото – ќе ја дочекаме Нова година со посна трпеза?

 Цената скокна за само неколку дена, а аналитичарите предупредуваат дека ова е само првиот сигнал од новиот инфлациски бран

Ескалацијата на цените на основните прехранбени производи повторно ја отвори расправата за тоа колку е стабилен домашниот пазар и каде точно се кине синџирот меѓу производителите, трговците и крајните потрошувачи.
Во изминативе денови, јајцата, кои реално се еден од најчесто купуваните продукти, поскапеа нагло и рамномерно.
Табла од 30 јајца (Л класа) од 280 денари скокна на 320 денари, а малата табла од 10 јајца од 90 денари се искачи на 105 денари. Промената се случи одеднаш, без претходни навестувања и без разлика на продавницата или производителот.
Експертите оценуваат дека ваквото синхронизирано зголемување ретко се случува без посериозни ценовни притисоци во позадина. Обично, велат тие, станува збор за раст на трошоците кај производителите – од добиточната храна, до транспортните давачки и енергенсите.

„Кога цената се менува кај сите трговци во ист момент, тоа покажува дека во позадина е веќе формирана нова реална цена“, објаснува аналитичарот Филип Милевски за „Бизнис Инфо“.

Но, исто така тој предупредува дека товарот пребрзо се префрла на потрошувачот, без простор граѓаните да се прилагодат.

Дополнителна грижа создава и најавеното поскапување на месото. Според проценките, свинското и јунешкото ќе пораснат за околу 10 проценти, а месните преработки како што се колбасите, сувомесните производи, меленото месо, би можеле да пораснат за 10 до 15 проценти. Тоа уште толку ќе ја засили кошницата на домаќинствата кои веќе одамна чувствуваат дека храната им го диктира животниот ритам.
Сојузот на синдикати предупредува дека, иако во ноември има минимално намалување кај некои категории храна, едно просечно семејство и понатаму троши цела минимална плата исклучиво за месечна исхрана.
„Ова не е краткотраен шок, туку долготраен процес на ерозија на стандардот“, велат оттаму.

Во меѓувреме, Владата најавува поинаков пристап. Наместо повторно да се воведуваат мерки за замрзнување на цените, како што беше случајот со новогодишната кошница минатата година, институциите сега ќе се фокусираат на казнување на трговците кои го прекршуваат Законот за нефер трговски практики.
Извори од Владата за „Бизнис Инфо“ брифираат дека државата засега нема да интервенира со административни ограничувања.
„Инфлацијата е релативно стабилизирана и има благ пад. Ако утврдиме непазарно или нелогично поскапување, ќе размислиме за соодветни мерки“, појаснуваат владини претставници.
Овој сигнал, оценуваат економските познавачи, покажува дека властите се обидуваат да избегнат директни интервенции на пазарот, но сепак ја оставиле вратата полуотворена за реакции ако ценовниот удар продолжи.
А токму тоа, неизвесноста околу „следната цена“, е она што најмногу ги оптоварува граѓаните.

Б.Т.