КЗК откри картел кај 10 осигурителни компании – изречени глоби од 17,2 милиони денари

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) донесе решение со кое утврди постоење на картелно однесување меѓу десет осигурителни компании.

Картелот се однесува на осигурувањето од автомобилска одговорност (задолжителна полиса при регистрација).

Во периодот 01.03.2024 – 07.05.2024 година, компаниите разменувале чувствителни информации и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата – т.н. режиски додаток.

Според КЗК, во усогласеното однесување учествувале: Евроинс Осигурување, Триглав Осигурување, Македонија – Виена Иншуренс Груп, Сава Осигурување, Еуролинк, Граве, Уника, Осигурителна Полиса, Халк Осигурување и Кроација Осигурување.

КЗК нагласува дека ваквото однесување претставува најтешка форма на повреда на Законот за заштита на конкуренцијата, бидејќи ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување.

На компаниите им се изречени глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари.