Македонија доби трет мобилен оператор: ОНЕ Македонија тргнува од Скопје

Македонскиот телекомуникациски пазар добива нов играч. Со уплата од над 8 милиони евра и официјално доделување на 5Г лиценците, „ОНЕ Македонија“ (дел од унгарската групација 4иГ) влегува како трет мобилен оператор во државата.

„ОНЕ Македонија“ денеска доби лиценца за 5Г-радиофреквенциски спектар од Агенцијата за електронски комуникации и официјално ќе работи како трет мобилен оператор во државата. Првично ќе почне да работи на територијата на Скопје, а ќе ја користи мрежата на постојните два оператора додека да изгради сопствена.

Директорот на АЕК, Јетон Акику, му ги врачи одобренијата што се доделуваат со тендерот на Пал Заранди, претседател на одборот на директори на „Оне Македонија“ и директор на стратегии во Групацијата 4иГ, Бране Ѓуровиќ, извршен директор на „Оне Македонија“, и на Габор Алтман, заменик-извршен директор во компанијата.

– Очекувам сериозен удел на пазарот. Со спроведениот трансперентен и структуриран процес на тендерот се испраќа јасен сигнал дека Македонија е посветена на фер конкуренција, долгорочни инвестиции и развој на доверливи дигатални инфаструктури – рече Заранди.

Тој најави дека ќе имаат нивна автономна мрежа и оти нема да зависат од другите за што ќе ангажираат експерти што ќе прават истражувања на пазарот како најдобро да се позиционираат.

– За да бидеме целосно независни, тоа бара време и затоа ќе ја користиме мрежата на нашите конкуренти за т.н. национален роаминг. Првично ќе ја лансираме мрежата во Скопје, а потоа и на територијата на цела Македонија – рече Заранди најавувајќи дека ќе имаат договор со „Ериксон“ и ќе се придржуваат до законите на државата за користење безбедна мрежа.

Игор Бојаџиев, претставник на Агенцијата за електронски комуникации, соопшти дека „Оне Македонија“ на 14 јануари го уплатил еднократниот надомeст во износ од 8.020.003 евра, со што ги исполни сите услови да ги доби трите одбренија.

Новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и за сеопфатната патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г-сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.