
На Волстрит, индексот Дау Џонс падна во вторник, додека S&P 500 порасна петти ден по ред и достигна нов рекорден максимум пред објавувањето на кварталните деловни резултати од неколку големи технолошки компании.
Дау Џонс изгуби 0,83 проценти, на 49.003 поени, додека S&P 500 порасна за 0,41 процент, на 6.978 поени, а индексот Nasdaq за 0,91 процент, на 23.817 поени.
Падот на Дау Џонс главно се должи на падот на цените на акциите на компаниите за здравствено осигурување, откако американската влада предложи зголемување на плаќањата за осигурување од Медикер.
Цените на акциите на CVS, UnitedHealth и Humana паднаа помеѓу 14 и 21 процент.
Цените на акциите на авиокомпаниите, како што се „Американ ерлајнс“ и „Џетблу“, вчера значително паднаа, бидејќи илјадниците откажани летови за време на снежната бура минатиот викенд во САД сигурно негативно ќе влијаат врз резултатите на тие компании во тековниот квартал.
Од друга страна, цените на акциите во технолошкиот сектор значително се зголемија, во просек за 1,4 проценти, бидејќи инвеститорите се оптимисти пред кварталните деловни извештаи на неколку големи технолошки компании, како што се „Мета платформс“, „Мајкрософт“ и „Тесла“.
Аналитичарите велат дека ова ќе биде еден вид тест за технолошкиот сектор, поради стравувањата дека секторот е преценет, по години на зголемување на цените на акциите поради еуфоријата околу развојот на вештачката интелигенција (ВИ).











