
Угостителите и Владата на иста маса за судбината на Законот против пушењето. Иако примената е најавена за 1-ви март, секторот бара одложување и воведување преоден период преку јавна кампања. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најавува клучна средба за идната недела на која ќе се бара компромисно решение меѓу јавното здравје и барањата на бизнисот.
Прво кампања па примена на Законот против пушењето, побарале угостителите на средбата со државниот секретар во Министерството за економија и труд.
Како што информира денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, идната недела најверојатно ќе се одржи уште еден состанок на кој ќе бидат присутни и тој и министерот за здравство, а ќе се разгледаат сите можности.
Дурмиши не кажа дали можеби ќе се пролонгира имплементацијата на Законот која треба да почне од 1 март, но напомена дека целта е грижа за јавното здравје.
На претстојниот состанок, потенцира, ќе се донесе одлука што ќе биде прифатена од сите засегнати страни, вклучувајќи ги и угостителите.
Ги слушнавме забелешките на угостителите кои побарале одреден временски период до стапување во сила на Законот, односно да одиме прво со кампања па потоа со информација додека почне примената, за да бидат на некој начин подготвени. Ние ќе им повториме која е целта и на крај ќе донесеме одлука што ќе биде прифатена од сите засегнати страни, вклучувајќи ги и угостителите – изјави Дурмиши.











