
Вештачката интелигенција (ВИ) станува сè поприсутна во секојдневниот живот на граѓаните на Европската Унија (ЕУ), а најновите податоци покажуваат дека повеќе од една третина од населението во 38-те земји-членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) користеле алатки за генеративна ВИ во 2025 година, додека младите луѓе (16-24) во ЕУ се убедливо најчестите корисници, објави Евростат.
Според овие податоци, во последните три месеци од 2025 година, меѓу 25-те анализирани членки на ЕУ, алатките за генеративна ВИ најмногу ги користеле граѓаните на Грција (83,5 проценти), Естонија (82,8 проценти) и Данска (77,6 проценти).
Младите луѓе на возраст меѓу 16 и 24 години во просек се далеку понапред во користењето на овие алатки низ цела ЕУ, при што Грција и Естонија бележат најголем удел на корисници во таа возрасна група, пренесува Танјуг.
Спротивно на тоа, Романија (44 проценти), Италија (47,2 проценти) и Полска (49,3 проценти) имаат најмал процент на граѓани кои пријавуваат дека користат интернет за пристап до алатки за генеративна вештачка интелигенција.
Во 21 земја-членка на ЕУ, мажите користат алатки за вештачка интелигенција повеќе од жените, додека Естонија, Словенија, Литванија и Хрватска се единствените земји каде што е забележан спротивен тренд.
Во сите анализирани земји, освен Ирска, граѓаните со повисоко ниво на образование најчесто користат алатки за вештачка интелигенција како што се ChatGPT и Gemini.
Ирска е исклучок, бидејќи таму луѓето со пониско ниво на образование предводат во користењето на овие технологии.
Како што истакнува Euronews, студентите се најголемите корисници на алатки за вештачка интелигенција во сите 25 набљудувани земји од ЕУ.
Според податоците на Евростат, околу четири од десет млади луѓе во ЕУ во 2025 година користеле генеративна вештачка интелигенција за формално образование, што е значително повеќе од општата популација.
Употребата на генеративна вештачка интелигенција за приватни цели е исто така почеста кај младите луѓе (44,19 проценти) отколку кај општата популација (25,09 проценти).
Во 22-те земји-членки на ЕУ, најчестите корисници доаѓаат од домаќинства со највисоки приходи, а најголем удел е забележан во Словенија.
Од друга страна, во Белгија и Словачка, граѓаните од домаќинства со најниски приходи пријавиле највисоко ниво на употреба на алатки за вештачка интелигенција.











