План за опстанок: „Фолксваген“ цели кон 20% помали трошоци до 2028 година

Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ разгледува радикални мерки за штедење што би можеле да вклучуваат масовно намалување на бројот на вработени, но и евентуално затворање на одредени фабрики, поради зголемените притисоци врз бизнисот.

Раководството на компанијата презентираше нов план што би можел да ги намали трошоците за дури 20 проценти до 2028 година, со цел да се зголеми конкурентноста во ерата на електричните возила и сè посилната кинеска конкуренција.

Построги мерки од претходно
За разлика од претходната „Програма за перформанси“, која беше фокусирана првенствено на брендот Фолксваген, новиот план за реструктуирање би можел да ги вклучи сите брендови во групата, вклучувајќи ги Ауди, Шкода и Порше.

Целта на овие мерки е да се намалат трошоците за работење и да се намали таканаречената точка на рентабилност, односно нивото на продажба потребно за компанијата да работи без загуби.

Можни затворања на фабрики
Особено внимание привлече информацијата дека затворањето на фабриките во Германија повеќе не е целосно исклучено како опција, доколку целите за заштеда не се постигнат преку доброволни заминувања на вработените и други мерки за рационализација.

Фолксваген веќе планира значително намалување на бројот на работни места во наредните години, главно преку програми за предвремено пензионирање и непополнување на слободните работни места.

Кина повеќе не е голем пазар
Ваквите мерки доаѓаат во време кога компанијата бележи послаби резултати на клучниот кинески пазар, каде што домашните производители на електрични возила како што се BYD и други брендови заземаат сè поголем пазарен удел.

Во исто време, Фолксваген инвестира милијарди евра во развој на нови електрични модели и софтверски платформи, додека паралелно мора да го одржи производството на возила со мотори со внатрешно согорување за други пазари.

Најголемиот предизвик во последните децении
Аналитичарите проценуваат дека Фолксваген се соочува со еден од најголемите предизвици во последните неколку децении, бидејќи компанијата се обидува да ги намали трошоците и да ја забрза трансформацијата кон електрична мобилност, а воедно да ја одржи стабилноста на бизнисот и социјалниот мир во Германија.