
Клучните региони за одгледување кафе секоја година доживуваат сè повеќе топли денови предизвикани од климатските промени, намалувајќи ги приносите и зголемувајќи ги цените. Температурите над 30 степени Целзиусови се „исклучително штетни“ за растенијата Арабика, доминантната сорта што сочинува околу 60 до 70 проценти од глобалното производство, додека таквите температури се „неоптимални“ за сортата Робуста, која го сочинува остатокот од производството.
Според анализата на независна истражувачка група, 25-те земји што произведуваат речиси целото кафе во светот помеѓу 2021 и 2025 година имале просечно уште 47 дена екстремна топлина што му штети на кафето. Пет земји што заедно сочинуваат околу 75 проценти од глобалното производство на кафе – Бразил, Виетнам, Етиопија и Индонезија – регистрирале дури 57 дена високи температури.
Кристина Дал, потпретседателка за наука во групата Climate Central, рече дека климатските промени претставуваат сериозна закана за производството на кафе.
– Речиси секоја голема земја што произведува кафе сега доживува повеќе дена екстремна топлина, што може да ги оштети растенијата кафе, да ги намали приносите и да влијае на квалитетот. Со текот на времето, овие влијанија можат да се прошират од фармите до потрошувачите, директно влијаејќи на квалитетот и цената на вашето секојдневно кафе, рече таа.
Според групата, неодамнешното зголемување на цените на кафето низ целиот свет е „барем делумно“ предизвикано од екстремните временски услови во регионите каде што се одгледува кафе, додека американските царини за увоз од Бразил исто така имаат влијание.











