Планови на BMW: Доаѓаат 30 нови модели, а позната е и судбината на рачниот менувач!

Во разговор за CarSales, извршниот директор на BMW M, Франк ван Мил, изјави:

– BMW работи на до 30 нови модели кои ќе бидат објавени во следните две и пол години.

Важно е да се напомене дека бројот ги вклучува и возилата M и M Performance. Освен редизајнираните M5 и M5 Touring, компанијата работи на новите M3 и iX3 M. Ним ќе им се придружат редизајнираните верзии на X5, X6 и X7, кои ќе доаѓаат со варијанти M и M Performance. Можеме да очекуваме и M Performance верзии на редизајнираната Серија 7. Зборувајќи за варијантите M Performance, ван Мил рече дека електрифицираните модели, како што е i4 M60, се покажаа популарни во земјите каде што регулативите за мотори со внатрешно согорување ги прават скапи високо-перформансните бензински автомобили.

– Во Франција, мора да платите 18.000 евра данок на CO2 за M2 со мотор со внатрешно согорување.

Директорот рече дека не е сигурен како клиентите ќе реагираат на новиот електричен модел i3 M. Иако само времето ќе покаже, ван Мил верува дека возилото ја има технологијата што сите ја чекаа во високо-перформансен електричен автомобил.

BMW има долга традиција на мотори со шест и осум цилиндри и планира да продолжи во оваа насока бидејќи има голема заедница низ целиот свет, а исто така и многу луѓе кои можеби сè уште не се подготвени за транзицијата или живеат во средини каде што е тешко да се полнат електрични автомобили. Додека моторите со внатрешно согорување остануваат во производство, рачните менувачи можеби нема да имаат толку среќа.

– Од инженерска гледна точка, рачниот менувач навистина нема смисла бидејќи го ограничува вртежниот момент, а исто така и потрошувачката на гориво. Ќе биде доста тешко да се развијат нови рачни менувачи во иднина бидејќи пазарниот сегмент е доста мал и добавувачите не се толку заинтересирани за нешто такво.

Со други зборови, уште неколку години ќе можете да купувате BMW со рачни менувачи, но во следната деценија – тешко!