Лагард: Во трговијата мора да се знаат „правилата на патот“ пред да се тргне

Со своите најнови потези во врска со царините, американскиот претседател Доналд Трамп ризикува да ја наруши претходно воспоставената „рамнотежа“ во трговските односи меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, што претставува нов удар врз економијата, изјави претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.

Таа за американската Си-Би-Ес изјави дека е „од клучно значење“ да се обезбеди јасност во врска со идните трговски односи, откако Врховниот суд на Соединетите Американски Држави ја поништи употребата на вонредни овластувања од страна на Трамп за воведување таканаречени реципрочни царини низ целиот свет, пишува Блумберг.

„Сакате да ги знаете правилата на патот пред да се качите во вашиот автомобил. Истото е и со трговијата“, рече Лагард.

По одлуката на судот во петокот, Трамп прво воведе глобална царина од 10 проценти за странска стока, само за да ја зголеми на 15 проценти еден ден подоцна. Пратениците на Европската унија најавија итен состанок во понеделник за повторно преговарање на трговскиот договор со САД.

Еден од предлозите е да се замрзне ратификацијата на трговскиот договор на ЕУ со САД, земајќи го предвид, како што беше кажано, „хаосот“ од другата страна на Атлантикот.

Лагард предупреди дека новото нарушување на рамнотежата, на кое учесниците во трговијата веќе се навикнаа по априлските одлуки и јулскиот трговски договор меѓу САД и Европа, сигурно ќе предизвика нарушувања во бизнисот, иако потсети дека претходно договорениот договор содржел одредени исклучоци и отстапки.

Таа додаде дека дури и американските потрошувачи не биле поштедени од „болката“ што ја носат царините.

Зборувајќи за сопствената иднина во ЕЦБ, среде шпекулациите дека би можела да ја напушти функцијата пред да заврши нејзиниот мандат во октомври 2027 година, Лагард рече дека е „посветена на мисијата“ и дека нејзиниот основен план е да остане до крајот на нејзиниот мандат.

Фајненшл тајмс објави дека Лагард би можела да ја напушти ЕЦБ пред крајот на нејзиниот осумгодишен мандат за да му даде на францускиот претседател Емануел Макрон улога во изборот на нејзин наследник пред француските избори што би можеле да ја доведат крајната десница на власт.

Лагард рече дека гласачите во секоја земја ги носат своите одлуки и дека тие одлуки мора да се почитуваат.