Минатата година исплатени 147 милиони евра за „Бехтел и Енка“

Во изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10 д, што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, во декември 2025 година биле ангажирани 2.098 работници, како и 1.269 вкупна опрема, покажува извештајот од надзорот за прогрес на работите за декември 2025 година, објавен на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Според извештајот, во декември лани на изведувачот му се исплатени 1.180.803.394 денари. (околу 19,2 милиони евра, заб.)

На терен вршени се земјени работи на делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола. Работите опфаќаат расчистување на теренот, отстранување хумус и ископ на неподобен материјал, ископ на материјал од засеците на трасата и обезбедување материјал за работите преку транспорт и насипување. На местата на кои е потребно преземени се мерки за заштита на косините. Заклучно со минатата година, изведени се над 5 милиони кубни метри ископ и 1,6 милиони кубни метри насип.

Во извештајот е наведено и дека во декември се работело на 11 моста, 10 натпатници и четири потпатници. Заклучно со крајот на 2025 година, изведени се 21.350 метри коловоз, а за конструкции се изведени 63.000 кубни метри бетонски работи.

Во текот на 2025 година на конзорциумот „Бехтел и Енка“ исплатени му се вкупно 147 милиони евра. За годинава планирани се 103 милиони евра.