
Изградбата на автопатот Кичево – Охрид добива нов пресврт со потпишувањето на осмиот анекс на договорот помеѓу државата и кинеската компанија „Синохидро“. Со овој договор се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра. Новиот ревидиран рок за конечно завршување е 31 мај 2027 година.
Со нов анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид што ќе го потпишат Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и изведувачот кинески „Синохидро“ треба да се овозможи довршување на градежните работи на автопатот во изградба, при што се предвидуваат дополнителни 186 милиони евра, а ревидираниот краен рок за завршување е 31 мај 2027 година, со којшто се обезбедуваат уште 151 ден за добивање употребна дозвола на автопатот, пренесува МИА.
Дополнителните финансии се за активностите што беа најавени за стабилизација на свлечишта со изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна, изградба на паралелни пристапни патишта што не биле предвидени за поврзување на населените места, како и за контролен центар за тунелите.
Со дополнувањата на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, што ги изгласа синоќа Собранието, се предвидува да се случи Анекс бр. 8, за автопатот во должина од 57 километри што се гради од 2014 година, а од кој досега се пуштени 40-ина километри.
– Интензивно се работи на проектот, задоволен сум со динамиката што ја има и со овој анекс конечно ќе го завршиме автопатот Кичево – Охрид – рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, образложувајќи ги законските измени во матичната собраниска комисија.
Иако градежните машини се присутни на теренот повеќе од една деценија, автопатот Кичево-Охрид дури минатата година почна да ги покажува првите знаци на функционалност. Со пуштањето на 20-те километри од Врбјани до Ботун во јули, и дополнителните 17 километри од Климештани до Охрид во септември, конечно се ставени во употреба вкупно 37 километри асфалт.











