Цената на нафтата пред голем скок- би можела да достигне 80 долари за барел

Се очекува цената на нафтата вртоглаво да порасне во понеделник, бидејќи војната на САД и Израел против Иран и ефективното затворање на клучниот Ормутски Теснец ги вознемири инвеститорите, и покрај ветувањата на главните производители дека ќе го зголемат производството, пишува Гардијан.

Американската сурова нафта е на пат да поскапи за 11% со почетокот на тргувањето, според податоците на брокерската куќа „IG“. Овој скок доаѓа откако ОПЕК+, картелот на производители на нафта, во неделата се согласи да го зголеми своето производство повеќе од очекуваното, додека го проценува влијанието на конфликтот.

Иранската Револуционерна гарда наводно им порачала на бродовите во саботата дека преминот низ Ормускиот Теснец е забранет, што во пракса ја затвори оваа клучна точка и предизвика прекин на дел од пратките со нафта.

Околу 500 милијарди долари (372 милијарди фунти) од енергетската трговија и 20% од глобалните резерви на нафта поминуваат низ овој теснец секоја година. Бродовите исто така превезуваат хемикалии и ѓубрива, што значи дека овој прекин би можел да влијае врз земјоделството и врз цените на храната во светот.

Танкер во теснецот беше нападнат во неделата, а најмалку 150 други што превезуваа суров, течен природен гас и нафтени производи се закотвија во отворените води, бидејќи сообраќајот во регионот речиси застана, објави Ројтерс.

Техеран долго време предупредуваше дека би можел да ја искористи својата локација за да го затвори теснецот како одмазда против воената агресија. Тамсин Хант, виш аналитичар во S-RM, консултантска компанија за глобално разузнавање и сајбер безбедност, рече дека целосното затворање на теснецот би било „разорно за сопствената економија на Иран“.

Американската сурова нафта би можела да порасне на повеќе од 74 долари (55 фунти) за барел кога трговијата ќе продолжи во Њујорк во споредба со 67 долари за барел во петокот навечер. Тоа би било највисоко ниво од јуни 2025 година, кога САД започнаа напади врз нуклеарните постројки на Иран.

Аналитичарите во Барклис рекоа дека цената на нафтата би можела да достигне 80 долари за барел во случај на „материјален прекин на снабдувањето“.