Американската компанија Lyten го купи шведскиот производител на батерии Northvolt

Американската компанија „Литен“ објави дека го завршила преземањето на несолвентниот шведски производител на батерии „Нортволт“, најавувајќи го рестартирањето на производството во објект во северна Шведска.

Вредноста на објектите на „Нортволт“ се проценува на речиси пет милијарди долари, според објавата на американскиот производител на литиум-сулфурни батерии, а преземањето ги вклучува главната фабрика за производство на батерии во Скелефтео на северот од Шведска и развојниот центар „Нортволт Лабс“ во Вестерос, во близина на Стокхолм.

И фабриката и развојниот центар, пишува Хина, треба веднаш да почнат со работа, а Литен очекува дека батериите произведени во Скелефтео ќе почнат да се продаваат во втората половина од оваа година.

Според прогнозите за побарувачката, компанијата предвидува дека во следните дванаесет месеци ќе отвори околу 600 работни места, со зголемено темпо на вработување во следните неколку години.

Во март минатата година, Нортволт покрена постапка за стечај во својата матична Шведска, со дозвола од стечајниот управник да продолжи со работа, но во намален обем.

Веќе во ноември 2024 година, Литен купи голема фабрика на Нортволт во Калифорнија, а во јули минатата година купија и фабрика во Гдањск, Полска.

Во август, американската компанија објави дека има намера да ги преземе сите други фабрики на Нортволт, вклучувајќи го и проектот за изградба на фабриката Нортволт Драј во близина на Хајде во германската сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн.

Шведската компанија долго време беше зрак надеж за европската индустрија за електрични автомобили, забележува ДПА. Но, откако почна да се шири, се соочи со низа неуспеси, вклучително и откажувањето на нарачката за батерии вредна околу 2 милијарди долари од страна на „БМВ“.