Повеќе од 1.000 летови откажани трет ден по ред: Дубаи останува затворен

Повеќе од 1.000 летови до дестинации на Блискиот Исток беа откажани денес поради американско-израелската војна против Иран и одмаздничките акции, а главните аеродроми, вклучувајќи го и Дубаи, кој е најпрометниот меѓународен центар во светот, беа затворени трет ден по ред, објавува „Гардијан“.

Според најновите податоци, до утрово веќе беа откажани 1.239 летови, а само „Емирати ерлајнс“, со седиште во Дубаи, „Етихад ервејс“, со седиште во Абу Даби и „Катар ервејс“, со седиште во Доха, заедно откажаа стотици летови.

Други превозници ги откажаа услугите низ регионот, а „Ер Индија“ вчера ги откажа летовите од Њу Делхи, Мумбаи и Амритсар до поголемите градови во Европа и Северна Америка.

Речиси 2.800 летови беа откажани во саботата, кога започна американско-израелскиот напад врз Иран, а 3.156 летови беа откажани вчера, според платформата за следење FlightAware.

Воздушниот простор над Иран, Ирак, Кувајт, Израел, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Катар останува практично празен, според веб-страницата за следење летови Flightradar24.

Влијанието на војната во Иран и одмаздничките напади на Иран врз Израел и цели во околните земји се прошири далеку надвор од Блискиот Исток, при што патниците останаа блокирани од Бали до Франкфурт.

Извршниот директор на брокерската куќа за приватни авиони „Вимана Прајват Семафор“, Амир Наран, рече дека „Саудиска Арабија е единствената вистинска опција за луѓето кои сакаат веднаш да го напуштат регионот“ на Блискиот Исток.