
Истражувањето „Анализа на финансиската писменост во основното образование“, спроведено од Бирото за развој на образованието, покажува дека учениците имаат познавање за базичните поими, но немаат доволно познавање за она што би требало да се нарече применување на познатите поими во животот, односно применување на таа финансиска писменост. За жал, и според ОЕЦД, речиси 56 отсто од населението е финансиски писмено, што е незадоволително.
Ова денеска го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, која рече дека поради тоа Министерството, првенствено со Бирото за развој на образованието, но и со Народната банка, Министерството за финансии, УЈП и Асоцијацијата на банки во Македонија и други институции, развива програми за најмладите од рани години да научат како да управуваат со сопствените средства или средствата кои им се на располагање, да научат да штедат, вложуваат, проценуваат ризици, на кој начин да управуваат, менаџираат со сопствените средства, што во суштина претставува еден сериозен чекор за примена на знаењата во иднина кога тие навистина ќе имаат таква потреба.
– Ние сериозно се залагаме, не само преку темите во одредени предмети, туку и преку изборни предмети, да ја подобриме оваа состојба и продолжуваме во тој правец да работиме и за финансиската писменост и за други проблеми со кои реално учениците се соочуваат – додаде Јаневска.
Директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска рече дека во пресрет на 15-ти март, Денот за заштитa на правата на потрошувачите, презентираат извештај работен од стручен тим од Бирото и надворешните соработници.
– Бирото за развој на образование како нотирана институција во однос во рамките на нејзините надлежности, работи ја спроведува програмата за заштита на потрошувачите и во соработка со релевантни институции го подобрува нивото, односно работи на усовршување на можностите во текот на образовниот процес учениците да се стекнуваат со знаење и вештини за финансиска писменост, и секако да создадеме личности коишто понатаму ќе носат одговорни информирани финансиски одлуки – додаде Тримчевска.
Tаа рече дека резултатите кои покажуваат тоа што и министерката го потенцираше, дека нашите ученици имаат базично ниво на познавање на финансиска писменост. Токму од тие причини, појасни, се работеше на оваа анализа и извештајот денес ни дава конкретни насоки во кој правец да се движиме, за подобрување на можноста учениците да достигнат повисоко ниво, за да носат финансиска одлуки.
– Финансиска писменост и досега постои како слободен изборен предмет во четврто, петто и шесто одделение, и понатаму слободен изборен предмет во седмо, осмо и деветто одделение, и сѐ уште нели по старата програма во деветто одделение предметот иновации. Така што имаат можности и во наставните програми апсолутно се интегрирани со содржини и по другите предмети, не само по овие слободни изборни предмети каде се интегрирани одредени елементи, и се постигнуваат стандарди кои треба да ги имаат децата до зборуваме само за основното образование. Резултатите веќе не наведуваат понатаму што треба ние да развиваме и во средното образование – додаде Тримчевска.
На презентацијата на резултатите од истражувањето се обрати и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески рече дека давателите на финансиски услуги често агресивно, не ретко дури и лажно рекламираат комплексни финансиски продукти кои се надвор од можноста за разбирање од страна на мнозинството граѓани. Оттаму, посочи тој, образовните системи мора да се адаптираат и да си постават за цел во оваа област да биде интегрирана во наставата, бидејќи финансиската едукација не претставува само дополнително знаење туку е клучна за одговорно и свесно однесување на граѓаните – рече Славески.
Посочи дека по глобалната финансиска криза од 2008 година која прерасна и во глобална рецесија и траеше до 2009 година во светот е присутен тренд на вклучување на финансиската писменост во наставните планови за средните училишта.











