
„Три недели на колективен летен одмор во март. Што ќе се случува потоа и колку од вработените ќе се вратат на работа, не знаеме“ – вели во разговор за „Локално“, сопственик на текстилна фабрика од истокот на државата. Најпрво по војната во Украина, а сега и со нападите на Иран домашната економија се соочува со последици и со ризици, велат бизнисмените. Една од индустриите која е на удар е текстилната, каде дел од фирмите веќе одлучиле да запрат со производство, да ги прогласат вработените за технолошки вишок или да ги испратат на „принуден одмор“.
Влошената состојба во текстилната индустрија ја потврди и Ангел Димитров од Организација на работодавачи и воедно менаџер на текстилна фабрика во Свети Николе.
„Состојбата е алармантно влошена. Најпрво војната во Украина, сега војната во Иран, на Блискиот Исток… Нашиот најголем партнер во текстилната индустија драматично ги намали нарачките, побарувачката таму е намалена зошто луѓето во кризни и неизвесни времиња се откажуваат од купување на она што не им е најнеопходно, како што е облеката. Како последица на ваквата состојба, која има и психолошка и економска димензија, ние дома се соочуваме со преполовен пласман“ – вели Димитров за „Бизнис-инфо“.
Војните во Украина и Иран го „скроија“ падот на македонскиот текстил
„90 проценти од пласмананот на текстилно-кожарската индустрија е на пазарот во Германија. Нарачките се колабирани. Ако дневно произведувавме по 4.500 парчиња, сега оваа бројка е сведена на 2.000, а тоа е производство што не може да ги покрие тековните трошоци на фирмите па затоа дел посегнаа по редуцирање на бројот на вработени па дури и целосно затворање. Освен тековните воени кризи, и скапото домашно производство е фактор поради кој текстилната индустрија се соочува со криза. Поради ниските трошоци, странските партнери своето производство го селат во Бангладеш и други земји во Далечниот Исток. Во нашата земја останаа да ги работат само помалите и брзи налози, односно нарачки“ – вели Димитров.
Целиот текст на Локално.мк











