Автобуски карти ќе се купуваат преку интернет

40

Министерството за транспорт и врски соопшти дека автобуски карти за меѓуградски и меѓународен превоз од 22 февруари 2014 година ќе можат да се купуваат преку интернет.
Ресорниот министер Миле Јанакиески, истакна дека системот е-автобуска.мк, превозниците треба да го имплементираат до 22 февруари следната година. Софтверот за електронски систем е веќе изготвен и бесплатно ќе им биде достапен на превозниците.
Новото решение, според Јанакиески, на патниците ќе им овозможи лесен и едноставен начин да го планираат своето патување, а бенефитот за превозниците е што ќе се намалат гужвите пред шалтерите и ќе се зголеми контролата и приходот врз продадените билети.
Предноста на новиот систем, посочи Јанакиески, е во тоа што патникот може од кое било место, во секој момент да ги види распоредот на автобуските линии, времето на тргнување, а со тоа веднаш согласно своите потреби да купи билет без притоа да оди до шалтерите на автобуската станица.
Купувањето автобуска карта, според министерот, се состои од неколку едноставни чекори. По успешното електронско плаќање со кредитна или дебитна картичка за избраното патување патникот ќе добие електронски билет со еднозначен бар-код кој може да го испечати или да го зачува на својот смартфон или таблет.

“Предвидено е да се воведе и трет начин на плаќање, преку сметка за мобилен телефон. Билетот на автобуските станици ќе се валидира со помош на бар-код читачи со што ќе се олесни и зголеми протокот на патници, а со самото тоа автоматски постоечките биелтари ќе се растоварат и ќе се заштеди време”, додаде министерот.

Покрај распоредот на линиите, патникот ќе има увид и кој превозник во кој период врши превоз за бараната линија, така што согласно своите потреби и претходното искуство при користењето на услугите на компаниите ќе може да одбере со кој превозник сака да патува до одредена дестинација.
Е-автобуска на патниците ќе им нуди можност за креирање сопствени кориснички профили преку кои ќе можат да ги искористат своите месечни карти, да резервираат отворени повратни билети. Електронската карта ќе може да се откаже еден час пред времето за патување.
Според Јанакиески, превозниците ќе имаат увид во вкупниот број продадени билети преку интернет и на шалтерите на автобуските станици и доколку е потребно навреме да интервенираат со дополнителни возила ако има потреба или да преземат други мерки.
Задолжителната примена на електронскиот систем за превозниците е пропишана со Законот за превоз во патниот сообраќај. Доколку до 22 февруари на автобуските станица не почне продажба на возни билети по електронски пат, може да ја изгубат категоризацијата.