Над 1.000 граѓани добиле бесплатна правна помош во 2013 година

45

Овластените здруженија за давање на бесплатна правна помош, во текот на 2013 година, обезбедиле бесплатна правна помош за повеќе од 1.000 сиромашни граѓани.
Од Македонското здружение на млади правници, во своето соопштение велат дека претходната правна помош вклучувала обезбедување на правни информации и давање на правни совети.
“За 60 лица кои имаа потреба од поведување на судски постапки за заштита на правата беше побарано одобрување на адвокат кој ќе го плати државата. Со обезбедената правна помош на оваа ранлива категорија на граѓани и беше овозможено да ги реши правните проблеми со кои се соочува, а кои се однесуваат на основни егзистенцијални прашања, како што се имотно-правните проблеми, правата од работен однос, семејно-правните прашања, социјалната заштита и правата од пензиско и инвалидско осигурување”, се вели во соопштението.
Овој резултат, велат од здружението, е постигнат и покрај препреките и проблемите со кои се соочуваат овластените здруженија при работата согласно Законот за бесплатна правна помош.
Младите адвокати неколкупати досега укажаа на слабостите кои ги има овој закон, како што се тесната група на лица кои имаат право на правна помош, долгата постапка за одобрување на барањата, недоволната уреденост на определни важни прашања, неопфатеноста на судските такси и трошоците за вештачење.