
Предлог измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година од денеска се на дневен ред на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет. Пред членовите на Комисијата Предлог-ребалансот го образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која истакна дека со измените и дополнувања се потврдува заложбата на Министерството за финансии и Владата за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии и воедно претставува продолжување на насоката што веќе дава резултати, а тоа се позитивните трендови во економијата.
„Најважно и клучно е дека измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година што денеска го претставувам пред вас и јавноста не произлегуваат од недостиг на приходи или од нарушена ликвидност на Буџетот. Напротив. Овој ребаланс е резултат на потребата да ги усогласиме буџетските проекции со новите економски услови, да обезбедиме дополнителни средства за законските обврски што значат редовна и во целост исплата на платите во секторите каде што обезбедивме раст, повеќе средства за дополнителна поддршка за земјоделството, повеќе средства за социјална заштита и за општините и, она што има најважна карактеристика овој Ребаланс е обезбедувањето дополнителни средства за забрзување на инвестицискиот циклус во инфраструктурата”, рече министерката.
Таа потсети дека измените и дополнувањата се носат во период на глобална неизвесност и дека надворешните геополитички случувања се одразија на економските текови и влијаеја на извршувањето на Буџетот за 2026 година, а од таа причина со предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година се прави прилагодување на макроекономските претпоставки и фискалните проекции, пред сè на расходната страна на Буџетот.
„Ребалансот на Буџетот не претставува само техничка измена на бројки, зад тоа стојат политики коишто Владата ги насочува кон поддршка на економијата и граѓаните. Тој претставува одговор на променетите економски околности, инструмент преку кој Владата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните. А особено во услови кога светската економија се соочува со зголемена неизвесност, наша должност е навремено да реагираме, да ги препознаеме ризиците, но истовремено да ги искористиме можностите што се отвораат”, наведе министерката при тоа потсети на мерките што беа преземени со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите.
Министерката истакна дека со ребалансот се останува на политиката на навремена исплата на сите законски обврски, дисциплинирано управување со јавните средства и приоритетно финансирање на развојните политики.
Со предложениот Ребаланс на Буџетот, вкупните приходи се ревидираат на ниво од 379,5 милијарди денари. На приходната страна, даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари. Неданочните приходи бележат значително подобрување и се зголемуваат за околу 2 милијарди денари, додека донациите бележат пораст од околу 2,7 милијарди денари.
На расходната страна, вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари, а дополнителните средства се насочуваат кон јасно утврдени приоритети.
Обезбедени се дополнителни средства за земјоделските субвенции (1,4 милијарди денари повеќе или вкупно 8,7 милијарди денари), повеќе средства за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршката на спортот, за студентскиот и ученичкиот стандард дополнителни 500 милиони денари. Oбезбедена е и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку средства за социјални надоместоци од дополнителни 1,3 милијарди денари, за заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација, како и дополнителни 1,2 милијарди денари за здравствена заштита, од кои 600 милиони се дополнителни средства од централниот буџет за исплата на обврски по породилно боледување.
Министерката посочи дека определбата за фискална дисциплина е отсликана во овие предложени измени и дека со ребалансот кај расходите за стоки и услуги се врши намалување од околу 837 милиони денари преку реалокација на средствата и нивно насочување кон приоритетните потреби, а од друга страна со ребалансот особено значење се придава на развојната компоненета и се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции кои достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари или 14,5% раст во однос на иницијалниот Буџет.
„Првпат, корекцијата на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, односно зборуваме за дефицит којшто ќе финансира развој, а ќе резултира со зголемување за 0,6 процентни поени во однос на иницијалната проекција, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 46,3 милијарди денари или на 4,1% од БДП. Средствата се насочени кон реализација на капитални проекти од стратешко значење за државата и граѓаните што ќе остане принцип на работа на оваа Влада”, потенцира Димитриеска-Кочоска.
Во експозето министерката се осврна и на поважните макроекономски остварувања во 2026 година, како и на реализацијата на Буџетот, нагласувајќи го растот на реализацијата на капиталните расходи за 53,5% повеќе во споредба со минатата година, како и исплатите на обврските на домашниот и странскиот пазар во износ од 72,7 милијарди денари.
Министерката порача дека Буџетот е најзначајниот стратешки документ кој ги содржи сите политики на Владата и дека со него Владата останува на среднорочната траекторија за водење фискална политика и остварување на концептот и визијата за повисоки стапки на раст. Тоа е платформа за просперитет, насочена кон стабилност за економијата и за граѓаните. Платформа за економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии, којшто обезбедува стабилност на јавните финансии, но истовремено создава услови за повеќе инвестиции, поголема економска активност и подобар животен стандард за граѓаните.













