Трајковски: Законот за работно ангажирање на лица предвидува јасни ограничувања за да се спречат злоупотреби

Законот има за цел да ја намали неформалната економија, да го намали административниот товар за работодавачите, а од друга страна да обезбеди поголема правна и социјална заштита за работно ангажираните лица.

Од јануари 2026 година се спроведува Законот за работно ангажирање на лица со цел да се одговори на низа предизвици на пазарот на трудот.

За тоа што конкретно се менува за работодавачите, како функционира новиот систем и што може да се очекува од неговата примена, разговараме со Кристијан Трајковски кој беше дел од проектниот тим што го поддржа спроведувањето на реформата, а како дел од развојната поддршка преку проектот „Подобри услови за вработување на сезонските работници во С. Македонија“ финансиски поддржан од Сојузна Република Германија, а спроведен од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Центарот за истражување и креирање политики.

  1. Г-дин Трајковски, како член на тимот кој работеше на имплементацијата, можете ли да ни кажете што беше главниот поттик за донесување на „Законот за работен ангажман“ и кои клучни празнини на пазарот на труд ги пополнува овој закон?

-По повеќегодишна подготовка, анализи, посветеност на јавните институции и консултации со социјалните партнери и бизнис-заедницата, државата за првпат воведе нов облик на работа во трудовото законодавство преку Законот за работно ангажирање на лица. Работното ангажирање кое не претставува работен однос се воспоставува преку едноставна и целосно дигитализирана постапка за формално ангажирање на сезонска и повремена работна сила.

Законот има за цел да ја намали неформалната економија, да го намали административниот товар за работодавачите, а од друга страна да обезбеди поголема правна и социјална заштита за работно ангажираните лица.

Со ова законско решение се дава одговор на потребите на пазарот на трудот во делот кој досега претставуваше сива зона, пред сè поради карактеристиките на овие ангажмани – краткотрајни, повремени или сезонски, често зависни од природните услови и потребата од работа во ограничен временски период.

Досега воспоставувањето дневен или краткотраен работен ангажман беше сложено, бидејќи постојните административни процедури беа дизајнирани првенствено за стандардниот работен однос. Кога станува збор за ангажман кој може да трае само еден ден или неколку дена, таквите постапки создаваа дополнителен товар, поради што значителен дел од овие активности остануваа надвор од формалниот систем.

Законот ја пополнува токму оваа празнина, создава можност работните ангажмани да се реализираат законски, со минимален административен товар и со соодветна правна и социјална заштита за работно ангажираните лица.

  1. Секторите како земјоделството, туризмот и угостителството со години имаат голем број сезонски и повремени работни ангажмани кои се реализираат надвор од формалните текови. Како овој закон конкретно ќе помогне во нивната формализација?

-Овие сектори на дејност имаат слични карактеристики и кај нив потребата од работници значително варира во текот на годината. Во периодите на зголемен обем на работа, работодавачите имаат потреба брзо да ангажираат дополнителен кадар, а токму тогаш најчесто се јавува и ризикот таквите ангажмани да останат непријавени.

Законот не го решава недостигот од работна сила, но создава услови постојните сезонски и повремени работни ангажмани да се реализираат законски. На тој начин се очекува постепено да се намали сивата економија, да се подобри конкурентноста на компаниите и да се создаде поправедна и пофер деловна средина, во која сите работодавачи работат под еднакви услови.

3. „Помалку администрација, повеќе ефикасност“. Како изгледа процесот во пракса? Што точно се менува за еден менаџер за човечки ресурси или сопственик на бизнис кој  сака да ангажира сезонски работник преку платформата e-rabota.av.gov.mk?

-Она што најмногу ќе го почувствуваат работодавачите е едноставноста на постапката. Системот е развиен така што процесот е интуитивен и бара внесување само на основните податоци за работно ангажираното лице.

Работодавачот внесува основни податоци за работно ангажираното лице, а тоа се ЕМБГ, трансакциска сметка и телефонски број за потврда на работниот ангажман од страна на лицето, по што системот автоматски повлекува дел од потребните податоци. Потоа се дефинираат условите на работното ангажирање – работните денови, смената и висината на надоместокот. На овој начин, на едно место се комплетира целиот процес на пријава на работниот ангажман.

Значително олеснување е и интеграцијата со информацискиот систем на Управата за јавни приходи. Работодавачот само ги потврдува генерираните пресметки и добива налог за плаќање. Со тоа значително се намалува административниот товар, се заштедува време и се создаваат услови компаниите да се фокусираат на својата основна дејност, наместо на административните процедури.

  1. Бизнисите често се жалат на бавните институционални процедури. Колку време е потребно за пријава и одјава на едно лице преку новата дигитална платформа и дали процесот е целосно автоматизиран (без потреба од хартиени договори и шалтери)?

-Токму поедноставувањето на административните процедури беше една од основните цели при креирањето на новиот систем. Работодавачот може целосно електронски, со добра интернет конекција од каде било да го пријави и одјави работно ангажираното лице преку надградената платформата e-rabota.av.gov.mk, без потреба од одење на шалтер или доставување дополнителна документација.

Системот е интегриран со информациските системи на надлежните институции, па најголем дел од проверките и пресметките се вршат автоматски. Тоа значи дека постапката, која претходно бараше повеќе време, сега може да се заврши за неколку минути.

За надминување на овие предизвици, а со цел поедноставување на процесите на пријава на работните ангажмани, во рамките на проектот „Подобри услови за вработување на сезонските работници во С. Македонија“, се надградуваат информациските системи во јавните институции за соодветна примена на Законот за работно ангажирање.

  1. Законот овозможува едно лице да биде ангажирано кај повеќе работодавачи во ист ден, но вкупниот ангажман не смее да надмине 12 часа. Како системот на Агенцијата за вработување го контролира ова во реално време за да не се прекрши правилото?

-Законот предвидува јасни ограничувања токму за да се заштитат работно ангажираните лица и да се спречат злоупотреби. Информацискиот систем на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија води евиденција за сите работни ангажмани. При поднесување на пријавата системот автоматски врши проверки на законските услови во моментот на пријавата. Информацискиот систем е поврзан со повеќе системи со цел проверка на податоци и соодветно функционирање. Така што, едно лице може да биде ангажирано кај повеќе работодавачи, но не може да го надмине вкупниот број на дозволени работни часови за тој ден, со што се осигурува заштита од кршење на работничките права, вклучувајќи го и правото на одмор.

  1. Голем плус за компаниите е пристапот до поширока база на кадар: студенти, пензионери, па дури и веќе вработени лица кои сакаат дополнителен приход. Дали плаќањето на придонесите за овие специфични категории (на пример, пензионери или вработени на друго место) е исто како и за невработените лица, или има посебни олеснувања во давачките за бизнисот?

-Една од многуте предности на законот е што овозможува различни категории граѓани легално да бидат работно ангажирани, без да ги изгубат правата од социјална и здравствена заштита кои ги имаат стекнато по различни основи. Така, на пример, студентите може да бидат ангажирани без да ја загубат стипендијата, додека невработените не ги губат правата активно да бараат работа. Еден пензионер доколку биде ангажиран не го губи правото на пензија, а вработеното лице може да работи неколку часа неделно без тоа да му влијае на редовниот работен однос. Практично, сите може да бидеме работно ангажирани.

Во однос на даноците и придонесите, вреди да се напомене дека трошоците за работно ангажирање се значително пониски благодарение на паушалниот придонес за пензиско осигурување и фиксниот придонес за осигурување при повреда на работа. Паушалниот износ претставува 1/30 од најниската основица за пресметка и уплата на придонесите. Тоа значи значително намалување на трошоците за секој работен ангажман, пример, за 1,500 денари дневница кои ги исплаќа на трансакциска сметка на ангажираното лице, работодавачот ќе издвои и 166 денари за персонален данок на личен доход, паушал за пензиско осигурување во износ од 217 денари и 6 денари за осигурување при повреда. Персоналниот данок е 10%, додека пензиското осигурување и осигурувањето при повреда секогаш се во овој износ без оглед на висината на дневницата.

Најважната придобивка за компаниите е во тоа што добиваат законски механизам преку кој можат едноставно да ангажираат поширок круг лица кога имаат потреба од сезонска или повремена работа.

  1. Интересен новитет е што и обичните граѓани можат легално да ангажираат помош во домаќинството (чистење, чување деца, поправки). Како ќе се мотивираат граѓаните да ја користат оваа платформа, со оглед на тоа што овој сектор е речиси 100% во сивата зона?

-Со Законот за работно ангажирање на лица се создава можност и физичките лица да се јават во својство на работодавач на идентичен начин како правните лица.

Кога станува збор за услугите во домаќинството, како што се одржувањето на домот, дворот, чувањето на деца или негување на стари лица, свесни сме дека промените нема да се случат преку ноќ. Ова е дел од пазарот на трудот каде е отежната контролата, но затоа многу се важни активностите за информирање на јавноста и градење на доверба во новиот систем.

Кога граѓаните ќе забележат дека постапката е едноставна, дека ангажирањето може да се заврши електронски и дека со тоа и лицето кое работи и лицето кое ангажира се законски заштитени, очекуваме постепено да се зголемува користењето на овој механизам. Тоа ќе придонесе не само за намалување на неформалната работа во домаќинствата, туку и за создавање култура на формално и одговорно работно ангажирање.

Затоа кампањата ФЕР АНГАЖМАН која се спроведува во рамките на проектот не е само информативна кампања, туку и едукативна, со повик за промена на начинот на работење. Нашата цел е граѓаните и компаниите да препознаат дека формалното работно ангажирање е можност за поголема сигурност, фер конкуренција и заштита на сите вклучени страни.

В.К.Ѓ.