„Тивко топење“ на заштедите: Европејците губат по 294 евра на секои 10.000 евра чувани во банка

Европејците губат просечно 294 евра куповна моќ за секои 10.000 евра што ги чуваат во банка, според резултатите од студијата спроведена од „Револут“.

Истото истражување откри, објавува „Еуроњуз“, дека дури 6,3 трилиони евра се наоѓаат во депозити со низок принос во 20 земји од ЕУ.

Индексот на одлив на богатство во Европа на „Револут“ е создаден со комбинирање на анкета на 20.007 возрасни лица во 20 земји-членки со официјални податоци за депозитите и инфлацијата. Сликата што ја прикажува е за континент чии домаќинства постепено ја губат својата куповна моќ, а во исто време чуваат значителен дел од своите пари на банкарски сметки.

На 12 од 20-те пазари вклучени во студијата, просечните едногодишни каматни стапки на депозитите не успеваат да го следат инфлацијата.

Во целиот примерок, депозитите даваат просечен принос од 2,76 проценти, во споредба со инфлацијата од 2,94 проценти. Ова значи дека дури и штедачите кои ги чуваат своите пари на депозити, во просек, губат дел од нивната реална вредност.

Авторите на студијата издвоија неколку причини за таквото однесување. Две третини од испитаниците никогаш не ја промениле банката поради подобра каматна стапка. Меѓу нив, 26 проценти велат дека едноставно ја претпочитаат својата постоечка банка, 18 проценти сметаат дека разликата е занемарлива, додека 15 проценти дури и не знаат каде да бараат подобри услови.

Речиси половина од испитаниците, или 46 проценти, погрешно ги проценуваат своите приноси прилагодени на инфлацијата, додека 19 проценти не се свесни дека инфлацијата воопшто влијае на нивните пари. Повеќе од половина користат неколку финансиски апликации, а меѓу нив 45 проценти веруваат дека фрагментацијата активно го попречува инвестирањето.

За да биде уште полошо, секој петти Европеец воопшто нема заштеди.

По региони, Централна и Источна Европа се соочуваат со најголемите разлики помеѓу инфлацијата и каматните стапки на депозитите. Најголемиот јаз е забележан во Бугарија, каде што е 2,3 процентни поени, по што следат Словачка со 1,7 и Литванија со 1,3 процентни поени.

Сепак, интересот за инвестирање мали износи е највисок таму, при што 51 процент од испитаниците и во Бугарија и во Романија се подготвени да почнат да инвестираат.

Западна и Јужна Европа имаат најголеми количини на неискористени пари, при што Германија е предводник со 1,9 трилиони евра, додека Франција има 588 милијарди евра.

Северна Европа, од друга страна, има каматни стапки на депозитите кои најчесто одговараат на инфлацијата, но најслаба е свеста за нејзиното влијание. Помалку од 40 проценти од испитаниците во Данска и Шведска разбираат како инфлацијата влијае на долгорочната вредност на нивните пари.