GM ги намалува трошоците додека глобалните производители на автомобили го зголемуваат притисокот во САД

„Џенерал моторс“ планира дополнително да ги намали структурните трошоци за да остане конкурентен на американскиот пазар, кој сè повеќе привлекува глобални производители на автомобили во услови на растечки притисок од кинеските конкуренти.

Финансискиот директор на „Џенерал моторс“, Пол Џејкобсон, изјави за „Фајненшл тајмс“ дека компанијата ќе продолжи да работи на тоа електричните возила да бидат подостапни за клиентите и попрофитабилни за производителот. Во исто време, тој очекува дека американската автомобилска индустрија ќе биде изложена на посилна конкуренција во наредните години.

Според него, САД стануваат еден вид засолниште за производителите кои чувствуваат силен притисок од кинеските компании на другите пазари.

„Ќе станат поконкурентни“, рече Џејкобсон.

Пред посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Белата куќа, американската автомобилска индустрија ја повика администрацијата на Доналд Трамп да продолжи да го ограничува влезот на кинески возила на американскиот пазар со високи тарифи и забрани поврзани со кинескиот софтвер.

Растот на компании како BYD и Chery во Европа и во други делови од светот дополнително ја зголеми загриженоста на американските производители дека кинеските компании, во случај на олабавување на трговските бариери, би можеле брзо да освојат дел од американскиот пазар.

Џејкобсон не сакаше да коментира за можноста за влез на кинески производители, но нагласи дека GM мора да продолжи да ги намалува трошоците, а воедно да го одржува квалитетот на производите.

Конкуренцијата во САД веќе расте. Volkswagen, Stellantis и Toyota се повеќе се потпираат на американскиот пазар за да ја компензираат послабата продажба во Кина и притисокот врз профитабилноста во Европа. Повисоките американски тарифи, исто така, поттикнаа дополнителни инвестиции во американското производство. Хјундаи го објави својот влез во сегментот на пикап возила од средна класа и посилно проширување на својата хибридна понуда. Оваа година, според проценките на Кокс Аутомотив, Тојота продаде околу 1,9 милиони возила и се приближува до Џенерал Моторс, кој продаде околу два милиони возила во истиот период, што е за 6,2 проценти помалку од претходната година.

Џејкобсон предупреди дека Џенерал Моторс не може да смета само на традиционалната лојалност на американските клиенти.

Во исто време, компанијата се обидува да одржи попристапна понуда во време кога просечната рекламирана цена на нов автомобил во САД надминува 50.000 долари. Минатата година, Џенерал Моторс продаде околу 700.000 возила чија почетна цена беше помала од 30.000 долари.

Под водство на извршната директорка Мери Барa, компанијата значително го намали своето глобално присуство во последните години, повлекувајќи се од пазари како што се Европа, Виетнам и Австралија и давајќи приоритет на профитабилноста пред растот на обемот на продажба.

По реструктуирањето на операциите во Кина, операциите таму повторно се профитабилни, додека глобалните маржи и паричниот тек се подобрени.

Американскиот пазар стана попривлечен и поради олеснувањето на правилата за емисии, што им овозможува на производителите да продолжат да продаваат попрофитабилни пикапи на бензински мотор и големи теренски возила.

Во исто време, продажбата на електрични возила во САД продолжува да слабее по елиминацијата на даночните кредити за електрични возила минатата година. На почетокот на годината, GM изврши отпис во вредност од шест милијарди долари откако го намали планираниот производствен капацитет за електрични возила.