И кандидатите за членство во ЕУ да бидат дел од регулативата „Произведено во Европа“, бара австриската министерка

Австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер официјално побара земјите-кандидатки за прием во Европската Унија да бидат вклучени во планираната регулатива „Произведено во Европа“ („Made in Europe“), за да можат да ги добиваат средствата предвидени со тие правила од буџетот на ЕУ, пишува австриската агенција АПА.

ЕУ моментално ги разгледува деталите од регулативата, која треба да обезбеди одреден дел од синџирот на создавање нова вредност да биде од европско потекло во јавните набавки и распределбата на субвенциите, за да останат повеќе пари во ЕУ, пренесува Бета.

Мајнл-Рајзингер смета дека Западен Балкан, Украина и Молдавија исто така треба да бидат вклучени во можноста за добивање субвенции од буџетот на ЕУ. Министерката упатила такво барање во писмо до лидерите на Европската унија пред вчерашниот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина, а писмото го видела агенцијата АПА.

Мотивот зад иницијативата Мајнл-Рајзингер е стравот дека средствата на ЕУ доделени врз основа на регулативата „Произведено во Европа“ би можеле да се прелеат во други делови од светот.

Барањето на Беате Мајнл-Рајзингер е дел од планот за постепена интеграција на кандидатите во ЕУ, за што се залага Австрија, пишува АПА. Ова би значело, наместо стратегија „Сè или ништо“, дека секоја реформа ги приближува жителите на тие земји до ЕУ чекор по чекор. Во писмото, таа нагласи дека тие чекори „можеби се тешки, но не смеат да бидат залудни“.

Во писмото, министерката изрази задоволство затоа што Европската комисија ја зеде предвид постепената интеграција на земјите-кандидатки во единствениот пазар на ЕУ во своите планови за проширување, соопшти агенцијата.

Сепак, таа побара предлогот, кој беше презентиран во мај од Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија, да се конкретизира и да се прошири на други области на политиката.

Министерката предложи претставниците на земјите-кандидатки „најмалку еднаш на секои шест месеци“ да учествуваат на состаноците на министрите за надворешни работи на ЕУ.