Кец на десетка

43

mariachi

Фото: Pixabay

Победничка компанија – Од било каде, до врвот

Ретко изразувам согласување со некого, по природа сум таков. Што би рекле, дрвен адвокат. Сакам да полемизирам и да барам дупки во логиката на мојот соговорник. А најдам некоја слабост, веднаш градам тактика за напад на таа точка. Ова ми помага да ги прикријам своите слабости, а да ги засилам своите јакости. Личи на SWOT-пристап (Strengths-Weaknessess-Opportunities-Threats), нели? Ама понекогаш правам исклучоци од овој мој вообичаен пристап: пред неколку дена читав статија во Harvard Business Review (од 14 јануари 2014) и можам да речам дека тоа беше една несекојдневна ситуација за мене. Имено, скоро во целост се согласив со анализите на авторите (Why leadership-development programs fail, by Pierre Gurdjian, Thomas Halbeisen and Kevin Lane). Три од нивните заклучоци се потврда на она што порано го пишував во колумните, а еден од заклучоците е директна потврда на последниот параграф од мојата претходна колумна. Статијата ми легна како кец на десетка!

Моето разбирање и слободна интерпретација на статијата е дадено на долната слика.

zvonko

Одамна ја имам напуштено практиката да дизајнирам или спроведувам програми за менаџерски развој, ама претходно имав работено со многу компании на такви програми. Последниве 6-7 години, мојата фирма работи исклучиво со сопствени производи кои ги третираат компаниите во целина. Како и да е, со посредство на партнери, тие производи се често дел од програми за менаџерски развој. Значи, директно и индиректно имам искуство со програмите.

Еве што имам видено и доживеано, а како поддршка на четирите дефекти.

Вообичаено, програмите имаат содржини од типот како да се носат одлуки, како да се комуницира, како да се планира, мотивира, итн. На ваквите програми доаѓаат тимови во кои има најразновидни профили, односно менаџери на различни функции. Значи, програмите ги третираат сите тие профили на ист начин, универзално. Ги тераат финансиерите, маркеташите, информатичарите, кадровиците и инженерите да размислуваат на ист начин. Кога носиш одлука, треба да ги почитуваш следниве неколку чекори. Или слично на тоа. Резултатите од таквите програми се никакви.

Натаму, она што го пишував во минатата колумна – се оди неколку дена надвор од фирмата, се симулира „компанија“ и се играат игри. Пак околу носење одлуки, комуницирање и слично. Колку и да е успешна симулацијата на реални компаниски услови, сите знаат дека сето тоа е само игра и никој не ја зема за сериозно. Повеќето од учесниците што сум ги видел ги прифаќаат овие игри иако знаат дека тоа е гола вода.

Тие што организирале вакви програми веројатно знаат за што зборувам кога велам дека е исклучително тешко да ги собереш сите „релевантни“ учесници. Се праќаат покани, се потсетуваат, им се закануваат со мерки и што уште не. Проблемот не е во луѓето, туку во пристапот: некои луѓе сакаат да бидат дел од тренинзите и со тоа да си помогнат во напредување нагоре во хиерхархијата, ама некои други едноставно не се заинтересирани за тоа. Значи, не сакаат да им се „даде“. Тоа е нормално и здраво. Ама организаторите на програми не сакаат да ја прифатат ваквата реалност и сите ги ставаат во ист кош.

На крајот, околу резултатите. Завршува програмата, се дистрибуира образец за оценка на квалитетот на програмата (обично луѓето се фини и даваат високи оценки!) и сите се среќни и задоволни. Организаторите на програмата добиваат еднократна пофалба или укор, а учесниците на програмата се враќаат на редовните обврски како ништо и да не се случило. Никој понатаму не следи и не мери што се постигнало со програмата.

Пример: пред години, спроведуваме програма за менаџерски развој со компанија која има синџир од повеќе од 2.000 ресторани (средна категорија) само во САД, башка и во 15 други земји. Околу 30.000 вработени. Се собраа во Мајами, Флорида на три дена. Преку ден се учеше, а навечер се лумпуваше со маријачи (мексиканска група). И тоа на изнајмен брод. Секоја вечер организаторот примаше фактура од музичарите во износ од УСД 11.500. Со свои очи го видов тоа. На одење, кога се поздравувавме, скоро секој учесник го рече следново: Супер музика!