Три проекти во Свети Николе вредни 24 милиони денари

130

Општина Свети Николе започна со реализација на три проекти од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој кои предвидуваат доизградба на канализациска мрежа во село Горобинци, изградба на локален пат од село Кнежје до археолошки локалитет Билазора и локален пат од село Немањици до вештачкото езеро Мавровица, како и изградба и уредување на јавни зелени површини за одмор и рекреација во селата Кадрифаково, Мустафино, Ерџелија, Амзибегово, Пеширово и Немањици.
Вредноста на сите три проекти кои ги доби општина Свети Николе е околу 24 милиони денари. За доизградба на канализациска мрежа во Горобинци се обезбедени 5,7 милиони денари, за локалните патишта 11,5 милиони денари, а за изградба и уредување на јавни зелени површини за одмор и рекреација 7,3 милиони денари.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, истакна дека во изминатите пет години преку оваа Програма се реализирани 19,5 милиони евра и се асфалтирани околу 200 километри локални патишта и 180 улици.
„Инвестицијата од 5,7 милиони денари која значително ќе го подобри животот во Горобинци, е одговор на барањата на локалното население. Водена од потребата за унапредување на квалитетот на живот во руралните средини, Владата во својата работна програма дава посебен приоритет на политиката за рурален развој пред се на инвестиции во руралната инфраструктура“, рече Димовски.
Според градоначалникот Зоран Тасев, целта е брз и одржлив локален економски развој, подобрување на условите за живеење и стандардот на граѓаните.