Македонија со проект вреден над 700.000 евра во следните три години ќе се подготвува и ќе гради капацитети за олеснето спроведување на трговијата со емисии на стакленички гасови.
Освен Министерството за животна средина и просторно планирање, во овој процес ќе бидат вклучени и претставници од бизнис секторот и други засегнати страни.
На дводневната Конференција за градење на капацитетите за олеснето спроведување на Европската шема за тргување со емисии на стакленички гасови, која се организра во Леуново, министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми ја нагласи важноста на проектот кој ќе следува.
Во проектот, кој се реализира во соработка со Кралството Норвешка, ќе бидат вложени 711.300 евра до 2015 година, а ќе се спроведуваат мерки за адаптација во другите сектори кои се детерминирани како најранливи кон климатските промени.
Во иднина, Република Македонија ќе воспостави лимит на вкупното количество на стакленички гасови и ќе се вклучи европската шема за трговија со емисија со стакленички гасови. Со завршувањето на проектот, кој треба да се одвива во три фази, се очекува да произлезат предлози и решенија кои би биле дел од новиот закон Климатска акција.