(Не)пристојно зборување

137

zboruvanje

Фото: Pixabay

Како продолжување на мојот серијал од (не)пристојни работи кои ги правиме секојдневно, во овој Tip of the Week би сакал да обрнам внимание на (не)пристојното зборување во нашето секојдневие кое е од ден на ден сè поНЕпристојно. Поголем дел од времето (кој како) го поминуваме на работа, но однесувањето на работа се пренесува и дома, сакале вие или не.

Викање – довикување за да повикате некој колега, посебно е алармантна ситуација кога сте во отворени канцеларии или зборување во група и уште згора на тоа викање и расправање. Не знам како да ви кажам, но вашето викање им пречи на другите колеги, одвлекува внимание и не е културно. Не се наоѓате на отворен простор, туку во канцеларија и затоа разговарајте соодветно.

Пцуење – за ова зборував, но не е лошо да се повтори. Пцуење или погрдни зборови не е соодветно затоа што некогаш може да се случи и пред клиент, е тогаш е беља, и во тој случај е веќе доцна. Ако се однесувате на работа на тој начин, тогаш така се однесувате и дома и со пријателите и на улица. Подобро е уште веднаш да прекинете!!

Почит – при зборување со други лица, да не им упаѓате во зборот додека тие зборуваат. Секогаш кога ќе упаднете некому во зборувањето имајте на ум: немојте да му правите на друг она што не сакате да ви прават вам! Сигурно ве нервира кога некој ќе ви упадне во сред зборување!?! Е па немојте вие да упаѓате, па тогаш имате право да им посочите на другите дека ви пречи што не ве почитуваат кога вие зборувате. Дотогаш, работете на тоа да ги почитувате другите додека зборуваат.

Поздравување – кога влегувате некаде, отпоздравете ги присутните со Здраво или Добар Ден/Утро/Вечер. Исто и со постари личности. Се работи за домашна култура и немојте да бидете непристојни. Кој и да е, поздравете го.

Хумор –хуморот е добар за намалување на стресот, но имајте на ум дека е тенка границата помеѓу пристоен и непристоен хумор. Ако претходно не е договорено, најдобар совет е: немојте да употребувате хумор кој некому му пречи или е несоодветен (религија, сексуална определба, етничка припадност итн.).

Ако некои од овие работи (или кои не беа напоменати тука) ви пречат на работа, дома, со пријатели итн., убаво би било да ги кажете на соговорникот. Немојте да ги потиснувате во себе. Начинот на кој треба да го кажете тоа, треба да биде соодветен (зависи од многу причини поврзани со соговорникот: возраст, позиција, роднинска врска итн.), но еве ви неколку совети:

  1. Ако е некој неучтив со вас, кажете му го тоа на учтив начин. Тешко е, посебно затоа што соговорникот е неучтив, но пробајте.
  2. Бидете подготвени на фактот дека луѓето коишто се непристојни во зборувањето, не се свесни за тоа и може да го одбиваат фактот што им го кажувате.
  3. Немојте да се справувате со такви ситуации, бидејќи и вие ќе бидете непристојни со вашето говорење, додека зборувате со нив.
  4. Пробајте да превенирате непристојно зборење преку примери, но немојте да го казнувате туку преку примери (ако треба да одите заедно на состанок со колегата тогаш кажете му дека луѓето кои ќе бидат на тој состанок не сакаат непристојно зборување, па да внимаваме како се однесуваме или слично) да му/и кажете дека е непристојна.
  5. Пробајте да поразговарате од каде доаѓа тоа непристојно зборување (дали е од дома, од пријателите…) и пробајте да го посочите тоа кај соговорникот.
  6. Лимитирајте го контактот со тој/таа/тие, па дури ако треба и побарајте да ве стават во друга канцеларија (ако се работи за ситуација на работа).

Со успех во имплементацијата.